Од Самитот на ЕУ ќе биде испратена порака за солидарност со демонстрантите во Белорусија

Лидерите на земјите-членки на Европска Унија од вонредниот онлајн самит, што ќе се одржи в среда, ќе упатат порака за солидарност со демонстрантите во Белорусија, објавија дел од западните медиуми.

ЕУ веќе го почна процесот на воведување санкции за белоруските претставници, кои ги смета за одговорни за изборната измама и за растурање на масовните протести, што уследија по претседателските избори на 9 август.

Александар Лукашенко, кој е на власт 26 години, тврди дека победи на изборите, додека опозицијата тврди дека се лажирани резултатите.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер напиша дека „народот на Белоруисија има право да одлучува за својата иднина и слободно да избере свој лидер“. Тој додаде и дека е неприфатливо и оти нема да се дозволи насилство врз демонстрантите.

Лидерите на земјите-членки на ЕУ на самитот ќе разговаат и за пружање на поддршка на Белорусија.

Литванија веќе предложи ЕУ да основа фонд за помош на жртвите од протестите, истакнувајќи оти 50 милиони евра, што се наменети за Белорусија да бидат пренаменети од државните институции на развој на цивилното општество.

Додека Полска најави почетни 13 милиони евра за стипендии за студентите од Белорусија и финансирање на независни медиуми, а исто така вети и олеснување на пристапот до пазарот на труд за Белорусите.

Исто така, Полска, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија и Данска побараа ЕУ да посредува во преговорите помеѓу опозицијата и Лукашенко.

На Самитот ќе се разговара и за воената помош што ја понуди рускиот претседател Владимир Путин за Белорусија. Според неименувани дипломати, ЕУ засега оценува дека не е можна руска воена интервенција во Белорусија, туку оти ветувањето на Путин претставува начин Лукашенко да се приближи кон Москва.

Back to top button
Close