Од септември интензивна соработка меѓу македонската и бугарската филхармонија

Во Министерството за култура на Бугарија, министерот Венцислав Минеков ја пречека својата колешка, министерката за култура на Македонија, Ирена Стефоска. По средбата, министерката Стефоска за дописникот на МИА од Софија изјави дека со нејзиниот колега Минеков разговарале за продлабочување на културната соработка меѓу Софија и Скопје.

Одлична основа е постојната програма за културна соработка, која постои подолго време со Република Бугарија – рече Стефоска и додаде дека со тоа се отвораат нови можности за уште поголема соработка меѓу двете земји, како во областа на живата културата, така и во заштитата на културното наследство.

– Се согласивме дека постојниот договор од областа на културата, којшто е навистина многустран и сеопфатен, треба да се активира во сите негови области – коментира министерката Стефоска.

Двајцата министри се договорија од септември да започнат интензивни контакти меѓу филхармониите на Бугарија и на Македонија и да разменат посети. Според министерката Стефоска, сега тоа е потешко да се случи, заради состојбата на ковид во двете земји. Договорот им овозможува на институциите директно да соработуваат едни со други, а ние, посочува таа, сме должни да создаваме услови и атмосфера за работа меѓу нив. Во рамките на пријателските односи, се очекува да се зајакнат контактите не само помеѓу двете филхармонии, туку и меѓу музеите и театрите.

Таа ја коментираше посетата на концертот на познатиот македонски пијанист Симон Трпчески во салата „Бугарија“ со нејзиниот бугарски колега министерот Минеков, велејќи дека тоа е пример за тоа како треба да работат.

– Ова е прва средба на министрите за култура меѓу Македонија и Бугарија за две и пол години – коментира Ирена Стефоска и изрази уверување дека работите се одвиваат во вистинската насока во областа на културата.

Министерот за култура на Бугарија, Минеков, за МИА коментира дека се познава со неговата колешка само пет дена, но има чувство дека се познаваат подолго време и можат да помогнат во развојот на културните односи. Тој беше категоричен дека културата отвора граници.

Двајцата министри се согласија за време на состанокот во Софија да го олеснат преминувањето на бугарско-македонската граница за уметници и елементи од изложби во двете насоки за учество на изложби и други настани. Стефоска и Минеков разговарале и за учеството на фестивалот во Охрид, како и на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

По средбата со бугарскиот колега, министерката Стефоска го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, каде директорот Сашко Насев ја запозна со нивните активности и културни настани што ги организираат.

 

Back to top button
Close