Од септември ново покачување на пензиите во очи на локалните избори
Од септември ќе има повторно покачување на пензиите, но се уште, не сме разговарале за тоа дали ќе биде линеарно или процентуално, иако го знаете мојот став дека јас сум поборник за тоа да има линеарно зголемување на пензиите, изјави денеска на прес-конференција министерката за финансии, Димитриеска Кочоска.
Претставувајќи го предлог ребалансот на Буџетот за 2025 година, на прес-конференција во Владата, Кочоска рече дека вкупниот трансфер од Буџетот кон ПИОМ годинава ќе изнесува некаде околу 50 милијарди и дека со предлог ребалансот се предвидуваат дополнително околу 2,5 милијарди.
Фондот за ПИОМ, посочи Кочоска, добива приливи по однос на придонесите кои што ги остварува буџетот и тие, иако поминуваат преку Буџет, директно се трансферираат во ПИОМ.
-Првата половина на годината имаше послаба реализација од она што ни е проектирано до крајот на годината, затоа што ние проектиравме, а проекцијата ќе се оствари бидејќи ние немавме усогласување со минимална плата и понатаму растат платите и сега веќе се чувствува од месец во месец, како имаме поголема наплата на придонесите, така што, 2,5 милијарди се испланирани, но тоа е само резултат на тие ликвидносни недостатоци, што го има ПИОМ во насока на тоа колку тој остварува од сопствените приходи, појасни Кочоска.
Кочоска, исто така, потврди дека во предлог ребалансот на Буџетот има предвидено и зголемување на средствата за платите во јавниот сектор.
– Зборуваме за извршување на буџетот и ставката плати. Да, има зголемување. Најмногу тука ефектот е поради Министерството за внатрешни работи, кое што имаше покачување на платите од 10 проценти, а МВР во суштина брои и најголем број од администрацијата. Тие имаат околу 12 илјади вработени, појасни Кочоска.
За плати во јавниот сектор, Кочоска рече дека се некаде околу 800 милиони, од кои околу 600 милиони се за МВР.