Од убиство на мајка и до смрт на сестра и во пожарот во Пулс– како државата во два наврати не успеа да ја заштити Марија Тасева и нејзиното семејство
Во пожарот што ја проголта дискотеката „Пулс“, Марија Тасева од Кочани за влакно ја избегна смртта.
Во метежот, пламените и вресоците, успеала да се извлече надвор, со изгореници и повреди од паничниот бег на толпата. Но, кратко по несреќата, во дворот на кочанската општа болница, повредената Марија ја слушна најстрашната вест – нејзината сестра Лепа не ја преживеала трагедијата.
Таа со болка и тага се сеќава на својата сестра:
„Не требаше вака да биде сестричке… твоите најубави години штотуку започнуваа. Се вратив во диското за да те најдам, но не ми дозволија да влезам. Да можев, ќе горев со тебе – само за да не бидеш сама. Извини што не успеав. Извини што не можев да те спасам. Ми ветуваше дека никогаш нема да ме оставиш… а сега си горе, со мама. Оваа болка е неподнослива. Ја закопавме мама, а сега и тебе. Што ли ми носи судбината на овие 19 години? Секогаш ќе бидеш со мене, моја непреболна рана… Ве сакам најмногу.“ – напиша Марија на инстаграм.
Инаку, сестрите Марија и Лепа се ќерки на Танкица Младеновска. Таа беше убиена пред нејзиниот дом наутро поаѓајќи на работа. Нејзиниот поранешен партнер, Усеин Рашидов, ја усмрти со над 40 убоди со нож.
Танкица е жртва на системот, а нејзината смрт ја одбележа сликата на македонската жена – незаштитена од институциите кога бара помош и заштита од насилство. Танкица во повеќе наврати го пријавувала Рашидов за насилничко однесување и закани, а исто така имало и пријава дека ѝ изнудувал пари уценувајќи ја со наводни компромитирачки фотографии.
И покрај сите пријави на Танкица, Усеин Рашидов без никакви ограничувања и мерки слободно ѝ се приближувал, а ѝ се заканувал и во близина на работното место. Откако Танкица храбро ги одбила неговите закани и му рекла дека нема да му даде пари, зел нож, ја пречекал пред куќата и ја убил.
Усеин Рашидов беше осуден на казна доживотен затвор за кривичното дело убиство извршено при родово базирано насилство. Во 2024 убиецот си го одзеде животот во затворот со бесење (infomax)