Од утре стартува ноќната забрана за фрлање отпад – инспекторите ќе работат 24 часа

Од утре стапува во сила забраната за изнесување отпад по 22 часот, мерка што Град Скопје ја воведе со цел да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите. Контролата ќе ја вршат комуналните инспектори и редари, кои од утре ќе работат во три смени, односно 24 часа.
Градот располага со 20 комунални инспектори и 20 комунални редари, кои ќе бидат постојано на терен. Главната цел на акцијата, како што наведуваат надлежните, е да се утврди каде правните и угостителските субјекти го одложуваат отпадот.
„Веднаш по утрешното објавување на одлуката во Службен весник, инспекторите ќе добијат нов распоред за тросменско работење. Ќе бидат вклучени сите комунални инспектори и комунални редари, а прекршоците ќе ги констатираат на лице место“, изјави новиот директор на „Комунална хигиена“, Драги Митковски за Сител ТВ.
Тој појасни дека доколку се најде поголемо количество отпад, ќе следи подетална контрола кај правните лица. Казната за физички лица останува 50 евра, а за правните субјекти се движи од 1.300 до 1.800 евра.
Целта на мерката е угостителските објекти и фирмите да престанат да ги преполнуваат контејнерите наменети за домаќинствата и отпадот да се собира поефикасно и навремено.






