Од утре во функција ваучерите за туризам – граѓаните заинтересирани за користење, но и исплашени од КОВИД-19

Од утре до 15 декември годинава 117.122 граѓани ќе може да ги користат ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети што ги добија од државата.

Ваучерите, вредни 6.000 денари, се доделени на лица со приходи до максимум 15.000 денари месечно. Тие може да одберат каде ќе летуваат или зимуваат преку Платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk на која се објавени расположливите хотели, приватни апартмани, автокампови, одморалишта, бањи, опфатени со оваа владина мерка.

Првичната оценка на сместувачките капацитети е дека луѓето се заинтерсирани за искористување на поддршката, но засега се уште се плашат од ситуацијата со КОВИД-19. Агенцијата за туризам, пак, очекува годинава од домашните гости да бидат остварени повеќе од два милиона ноќевања, бројка во која значителен удел ќе имаат токму ваучерите.

-Има заинтересираност за нашите капацитети, но луѓето се уште се плашат да доаѓаат поради ситуацијата со КОВИД-19. Сепак, се јавуваат, прашуваат. За претстојниот викенд направивме 17 резервации за Бањиште, иако се уште не знаеме колку точно од нив се со вредносниот ваучер. Во секој случај, очекуваме гости, особено во периодот што следи. Сметаме дека бројот значително ќе порасне и граѓаните ќе го искористат правото за летување со поддршката која ја добија, велат од „Дебарски бањи – Косоврасти“.

Како што се наведува во нивната понуда, секој што има добиено ваучер за туризам од страна на Министерството за економија ќе добие четири ноќевања со појадок, ручек и вечера, лекарски преглед, како и користење термален СПА центар, плус терапии (со лекарско одобрение).

Граѓаните изразуваат задоволство од поддршката иако некои од нив се уште не се сигурни кога ќе го искористат ваучерот. Други веќе размислуваат да резервираат сместување, до крајот на јули или август.

-Добив ваучер. Мерката е повеќе од добредојдена, но штета што е ваква ситуацијата со коронавирусот па малку ни е страв, зашто сепак ќе треба да се „мешаме“ со луѓе. Во секој случај, ќе ја искористиме поддршката иако уште се двоумиме каде, дали за во некое планинско место кое засега ни се чини подобро, вели граѓанин од Скопје.

Доделувањето на ваучерите е една од владините мерки за поддршка на домашниот туризам поради коронакризата, а произлезе од соработката на сите чинители во секторот.

-Ние претседававме со Координативното тело во кое коморите заеднички ја донесоа мерката за домашниот туризам. Очекувам заеднички до крајот на годината да оствариме повеќе од два милиона ноќевања, во кои секако и ваучерите ќе имаат сериозен удел. Тоа ќе помогне за намалување на негативниот тренд во туризмот и, ако дозволат условите, да имаме помал минус од останатиот дел на регионот, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски.

Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните, Министерството за економија ќе им ги исплати средствата на туристичките капацитети за дадените услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за реализираните ваучери.

Платформата „Дома си е дома“ беше официјално промовирана пред еден месец од министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за финансии Нина Ангеловска. Претходно беше соопштено дека сите туристички капацитети кои сакаат да бидат дел од оваа владина мерка и да се најдат на Платформата, мора да бидат регистрирани.

Back to top button
Close