Од вечерва сите патишта водат кон Антички – под мотото „Трансформација на сетилата“ почнува 65. „Охридско лето“

Со „Пајдушко“ на Дамир Имери, „Симфониски танци од „Приказна од западната страна“ на Бернштајн и  „Рапсодија во сино“ на Гершвин, вечерва, во 21 часот, на Антички ќе се отвори годинешното издание на „Охридско лето“.

Директорот Ѓорѓи Цуцковски, за годинава, за 65.јубилеј, најавува визуелен-музички спектакл на Антички театар, зашто уметноста, освен аудио, е и визуелна.

Честа  да ја започнат 40-дневната фестивалска програма ја имаат американската пијанистка со блескава кариера Клер Хуангчи и уметниците од Националната филхармонија на Р.С.Македонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер.

Клер Хуангчи  е родена во Рочестер, Њујорк. На многу рана возраст започнува да учи пијано и во 1999 година е поканета да настапи во Белата куќа. Студирала со Гери Графман и Еленор Соколоф на Институтот „Куртис“, пред да се пресели во Хановер и да продолжи да студира со Ари Варди. Нејзината кариера започнува да оди во нагорна линија откако освојува високи награди на натпреварите АРД во Минхен, на натпреварот „Геза Анда“ и гран-при на Академијата за свирење и диригирање во Париз.  Оттогаш често се јавува во двојна улога – како солист и диригент. Таа е амбасадор на издавачката куќа „Хенле“ и уметнички директор на серијата Камерни концерти во Ербах.

Едвин Аутвотер е еден од диригентите кои ги крши стандардните рамки на концертните доживувања и како куратор, продуцент е познат по неговиот динамичен пристап и крос-овер проекти во кои успешно ги спојува различните музички жанрови.

Работи со различни високопрофилни уметници од бендот „Металика“, преку Винтон Марсалис, Рене Флеминг, Јо-Јо Ма, а неговата креативна визија и можност лесно да навигира во различни музички правци го прават „еден од најиновативните диригенти на денешницата“.

Аутвотер е шеф диригент на Музичкиот конзерваториум во Сан Франциско каде раководи со ансамблите и е дел од револуционерните уметнички проекти на оваа образовна институција. Од 2024 година е назначен за постојан гостин диригент на Концертниот оркестар на Би-би-си, а во периодот од 2007 до 2017 година е музички директор на Симфонискиот оркестар „Китченер-Вотерлу“.

Неодамнешните настапи на овој диригент се со Њујоршката филхармонија, оркестрите во Кливленд, Чикаго и Филаделфија, како и со Кралската филхармонија во Лондон. Соработува со Дајана Рос, Бек, Треј Анастасио, Лесли Одом, Стинг, Ланг Ланг и др. Како советник на Националниот оркестар на САД за одбележувањето на 50-годишнината на Центарот „Кенеди“ ја дели сцената со Одра Мекдоналд, Кристијан Мекбрајд и Комон.

Дебитира на фестивалот „Би-би-си промс“ во 2022 година со Синтија Ериво, по што е редовен гостин на овој престижен музички настан. На меѓународната сцена настапува со оркестрите во Токио, Аделаида, Мексико и Брисел, како и со канадските оркестри во Торонто, Ванкувер, Калгари и др.

Од 2021 година тој ги диригира настапите со Стјуарт Копланд и неговиот проект Полис со оркестар, кој досега е реализиран со оркестрите во Сан Диего, Кливленд и Јута. Исто така тој е еден од идејните творци на проектот „Колтрејн – оставина за оркестар“ кој премиерно се изведе во Торонто во 2024 година и ќе има свои репризи со Концертниот оркестар на Би-би-си и Симфонискиот оркестар во Бостон.

Неговиот проект со Симфонискиот оркестар на Чикаго „Фантастична филхармонија“ се закитува со наградата „Греми“, а соработката со Кирк Хамет од „Металика“ на проектот „Портали“ само дополнително говори за неговата музичка љубопитност.

Македонската филхармонија е единствен државен симфониски оркестар во земјата кој осум децении освен што ја промовира класичната музика на највисоко ниво е главен промотор и на македонската музичка мисла и на домашните композитори и изведувачи од нејзиното основање до денес.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на Р. С. Македонија Гордана Силјановска-Давкова и со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам кое годинава издвои 31 милиони денари.

Годинешната програмата е поддржана и од Општина Охрид, од амбасади на странските земји во Македонија, како и од бројни спонзори и помагатели.

Од 1994 година  „Охридско лето“ е и член на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) која вклучува повеќе од 140 фестивали од 40 земји.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close