Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека уапсениот член на обезбедувањето на Мицкоски ќе биде отстранет од позицијата
По приведувањето на лицето Ивица Б., од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ соопштија дека тој ќе биде отсранет од обезбедувањето на лидерот Христијан Мицкоски и дека нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претсдателот на партијата. Воедно велат дека Ивица Б. е ангажиран како дел од обезбедувањето, а не како шеф на обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. Бараме органите, без заддршка да ги превземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, од Министерството за внатрешни работи за „360 степени“ информираа дека настанот се случил доцна синоќа, во 00:40 часот по полноќ, во угостителски објект на подрачје на општина Центар, а лицето И.Б. било лишено од слобода од страна на припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.
„Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат на МВР.
Утринава, објавивме дека членот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода. Непотврдени информации велат дека полицијата, во потрага по дрога, сакала да изврши претрес во познат скопски локал, но дека Ивица Б., кој бил внатре во објектот, се обидел да ја спречи акцијата, по што е уапсен.
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бомјацалиев, кој доаѓа од редовите на СДСМ, на социјалните мрежи напиша дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на службена дејност, и побара максимално професионално да се расветли овој случај.
Ивица Б. е вработен во МВР и на барање на ВМРО-ДПМНЕ е дел од обезбедувањето на лидерот на партијата Христијан Мицкоски. За време на мандатот на Наќе Чулев како министерот за внатрешни работи во техничката влада во 2020 година, Ивица Б. беше именуван за командант на елитната полициска единица ,,Тигри”, една од 15-те позиции на кои Чулев направи промени.