Од Зафир не се бега

Што направивме и како ја испративме ние една од нашите големи музички икони, кој  целиот свој работен век ја претставуваше Македонија ширум светот. Не направивме речиси ништо. Тажно и срамно

Белград денес се прости од Зафир Хаџиманов, еден од најпознатите и најдобри македонски уметници. Урната со неговата пепел е поставена во Алејата на заслужните граѓани. Кај што му е местото. Што направивме и како ја испративме  ние една од нашите големи музички икони кој, продолжувајќи го делото на својот татко Васил Хаџиманов (еден од најголемите македонски етномузиколози) целиот свој работен век ја претставуваше Македонија ширум светот. Не направивме речиси ништо. Тажно и срамно.

Освен веста за неговата смрт и неколкуте емисии снимени од поодамна ниту една комеморација, ниту пак некоја специјална емисија посветена на Зафир, ниту едно сеќавање од бројните негови колеги. Ништо од тоа. Еснафските здруженија на музичарите се гласни само кога ќе се отворат полемиките за тантиемите – читај за парите и за суетите.

Не ни е првпат. Како што ја испративме молкум Есма Реџепова, светската кралица на ромската музика од македонското поднебје. Како што го испративме и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски, планетарен музичар и хуманист. Како што ја испративме и ненадмината и најубава Коштана, Уснија Реџепова, по нејзина последна желба погребана на Градските гробишта Бутел. Како што испраќаме голем број наши дејци кои ја задолжиле Македонија, така направивме и со Зафир.

Целата колумна на Ерол Ризов на Независен.мк

Back to top button
Close