Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но поради вештачки причини не ги почнавме преговорите, рече Мицкоски од Црна Гора

Досието на Македонија е многу сложено, но одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, рече премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствува на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора.

Тој рече дека Самитот очекува силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, вклучително и Македонија.

„Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“, изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.

Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне, како што кажа, силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција, посочувајќи дека Владата и во иднина ќе продолжи да дејствува во таа насока.

 

Мицкоски се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи актуелните војни на Блискиот Исток, како и демонстрациите низ Европа.

„Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока“, рече премиерот.

Премиерот изрази надеж дека денешните разговори во рамки на Самитот на Берлинскиот процес ќе бидат суштински и ќе резултираат со, како што кажа, конкретни и плодни резултати.

Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој ќе се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.

Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.

Самитот ќе го отворат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Мерц. Во рамките на Самитот ќе се одржи и пленарна сесија „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.

Back to top button
Close