Одбележани 75 години од воспоставувањето на програмата „Фулбрајт“

Во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија денеска, под покровителство на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се одбележа 75-годишнината од воспоставувањето на програмата „Фулбрајт“ во чии рамки учествувале околу 400 илјади луѓе од целиот свет.

Истакнувајќи дека во изминативе децении програмата им овозможи професионален и личен развој на 298 македонски граѓани, претседателот Пендаровски рече дека ни се потребни личности кои ќе придонесуваат за развојот на општеството и на државата во сите области.

-Со „Фулбрајт“ и со другите меѓународни програми имаме додадена вредност и јасно можеме да ги видиме резултатите од инвестирањето во човечкиот капитал. Како земја која не е високо индустриски развиена, нема идеална географска положба и премногу природни ресурси кои ќе овозможат брз економски раст, мораме да се потпреме на нашите човечки ресурси. А тоа подразбира да овозможиме на позициите на кои се решава за квалитетот на нашите животи да дојдат најспособните, најобразованите, највештите, најмудрите и се разбира најморалните меѓу нас, истакна Пендаровски.

Како една од учесничките во „Фулбрајт“, сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, рече дека програмата не нуди само можност за професионално усовршување и стекнување знаење, туку и можност за запознавање различни култури, различни филозофии на живеење, комуникација и споделување искуства со луѓе со богато професионално, но пред се со огромно човечко и животно искуство.

-Гордост е да се биде дел од големото семејство на учесници во програмата „Фулбрајт“. Тоа е семејство на луѓе од различни меридијани, на луѓе од различни нации, различни вери, различни професии, различни интереси, но она што е заедничко за сите е посветеноста, желбата за усовршување и истражување, стремежот за подобро и поубаво, бидејќи сите ги води максимата: „Scientia vincere tenebras“ или „науката ја победува темнината, рече во обраќањето Ѓоргиевска.

Пред присутните алумнисти на „Фулбрајт“ таа истакна и дека во програмата досега учествувале 39 шефови на држави и влади, како и 60 добитници на Нобелова награда.

-Кога во 1946-тата година, претседателот Труман го потпишува визионерскиот акт за воспоставување на програмата „Фулбрајт“, никој не можеше да замисли дека и денес, по 75 години, не само што оваа програма ќе продолжи да постои, туку и ќе се проширува секојдневно, дека ќе функционира глобално во повеќе од 160 држави од светот, додаде Ѓоргиевска.

На одбележувањето на 75-годишниот јубилеј на програмата „Фулбрајт“ во коорганизација со Амбасадата на САД, се обратија и амбасадорката Кејт Мери Брнз, министерката за образование и наука, Мила Царовска, а преку видео-порака се обрати и Маријана Крејвен, в.д. заменик-помошник државен секретар за академски програми во Бирото за образовно-културни работи на Стејт Департментот.

Back to top button
Close