Одбележани 82 години од стрелањето на 12 младинци во Ваташа

Oсумдесет и две  години од стрелањето на 12 младинци, за време на Втората светска војна, беа одбележани денеска во месноста Моклиште во кавадаречкото село Ваташа. Беше положено цвеќе пред споменикот и бистите на младите луѓе.

– Тие беа млади – со соништа, со љубови, со живот пред себе. Но, во мигот кога слободата беше задушена, тие не молчеа. Не се скрија. Се исправија. Се издигнаа. Со голи раце, но со огнени срца, го избраа отпорот наместо покорот. Правдата наместо стравот. Македонија – наместо себеси, рече меѓу другото, кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Тие беа обични момчиња, истакна тој, а станаа вечни херои.

– Никогаш нема да дозволиме да бидат заборавени, подвлече градоначалникот.

Историски час одржа кустос историчар Натка Китева од Музеј галеријата во Кавадарци. Беше реализирана и пригодна програма.

Фото: МИА

Back to top button
Close