Одбиена тужбата на Камчев против неделникот „Фокус“

Граѓанскиот суд ја отфрли тужбата на бизнисменот Орце Камчев поднесена против неделникот „Фокус“ за клевета, односно донесе пресуда за отфрлање на неговото тужбено барање.

Имено, Камчев во поднесената тужба наведуваше дека се чуствувал навреден, односно му била нарушена честа и угледот со објавениот текст во неделникот под наслов „Зошто доцни изградбата на штипската клиничка болница?“. Неговите забелешки се однесуваа на тоа што негова фотографија била ставена на насловна, поради што се добивало впечаток дека тој е виновникот за доцнењето на градбата. Исто така дека неделникот бил тенденциозен, бидејќи многу често се објавувале новинарски текстови за него.
Тој бараше 40.000 денари надомест на штета за клевета, а ја тужеше новинарката Ирена Мулачка, главната и одговорна уредничка Гордана Дувњак и директорката на „Медиа плус Фокус“ Биљана Трошановска.

Во пресудата, судијката Јасмина Блажевска, наведува дека од оценка на доказите, детално елаборирана во фактичката состојба, произлегува дека не постои одговорност за сторена клевета кај тужените.

„Имено, при изготвувањето и објавувањето на текстот во целост се запазени стандардите на новинарската професија, односно третотужената како новинар побарала информација од двете засегати страни во текстот, конкретно правните лица „Интраком“ и „Бетон Штип“. Откако од правното лице „Бетон Штип“ не добила повратна информација, го напишала текстот врз основа на документацијата со која располагала, со тоа што бил оставен простор ако дополнително се достави друга документација од која произлегува поинаква фактичка состојба да се објави и ставот на другата страна“, се наведува во пресудата.

Исто така во пресудата се додава дека по оценка на судот, во случајот содржината на објавениот текст не упатува на клевета во смисла на означените законски одредби, бидејќи целокупниот текст се заснова на пренесување на податоци содржани во официјални документи од релевантни институции.

Бизнисменот Камчев по оваа одлука на Граѓанскиот суд има право на жалба до Апелација.

Back to top button
Close