Одбивам да му се придружам на клуб кој ме сака за член

Денко Малески

Не знам за друг пример, држава која бара членство во некаква организациија, да и поставува услови на таа организација за да стане членка! По малку ме асоцира на изјавата на Гручо Маркс дека одбива да се придружи на клуб кој го сака за член. Всушност, услови поставува само држава која не сака да стане членка. Или, ако сака, сака под свои услови, што нема логика.

Имено, во реалниот свет, апликантот беспоговорно ги исполнува условите на организацијата во која сака да влезе или, ако тие не му се по волја си бара друго чаре. Но, еве веќе триесет и пет години ние никако да разбереме дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки, а како најсилен доказ за тоа е нивното поединечно право на вето.

Ги загубивме „златните години“ на ЕУ заради тоа што се повикуваме на правдата, таму каде што најмалку ја има: во меѓународните односи. На интересите и силата, наместо со дипломатија и преговори,ние и се спротиставуваме со правдата, како ние ја разбираме. После се чудиме зошто упорно губиме и не ја остваруваме стратешката цел поставена уште во 1991.

Вчера, на денот на Македонската борба, премиерот на Македонија и постави два услови на ЕУ ако сака да не види во нејзините редови:

1. Гаранции дека ова се последни барања од Бугарија и

2. Запишување на македонската „заедница“ во бугарскиот устав.

Атмосферата во салата беше уште една потврда на универзалното правило дека што посилен отпорот кон надвор, посилен аплаузот дома. Кога ова би ни го отворило патот кон ЕУ и јас би аплаудирал. Ама, условувањето само ни го затвора. ЕУ, кое ги поставува условите ни го покажа патот кон членство: дипломатскиот процес зацртан во „францускиот предлог“.

Но, нашата власт, со масовна поддршка од гласачите, е доследна во отпорот кон тој пат, што значи, и натаму ќе стоиме во место. Конечно, владата е таа која го дефинира нашиот национален интерес. Се надевам дека барем научивме дека нема ништо боженствено во она што се нарекува „национален интерес“. Имено, национален интерес е она што владеачката партија ќе рече дека е национален интерес. Сепак, за да не биде така, владеачката партија, рушејќи го еден од темелите на либералната демократија, ги прогласува за предавнички сите претходни дефиниции за националниот интерес, имплицитно прогласувајќи се себеси за единствениот интерпретатор на тој интерес. Значи, владата бара гаранции и Македонци во уставот на Бугарија.

Што се однесува до гаранциите, неколку пати ни е порачано од ЕУ дека не може да ни дадат нешто што не постои. Поточно, тие можат да издадат некаква безвредна декларација во форма на гаранција.Но, во случај на нови бугарски барања, Брисел нема да го растури сојузот и да ја исклучи Бугарија од членство за да не прими нас. Бугарскиот европреатеник Андреј Ковачев,пак, му порача на премиерот дека Бугарија гарантира дека „францускиот предлог“ е последното бугарско и со тоа европско барање. Но, токму тој предлог е коската во грло на новата власт. Имено, тој предлог бара отворање на теми од историјата, каменот на сопнувањето во односите помеѓу Македонија и Бугарија или поинаку кажано, отвора процес исполнет со потенцијални несогласувања и нови барања од бугарска страни. Власта во Македонија јасно кажа дека во таков дијалог не сака да влезе и инсистира на копенхашките критериуми (заборавајќи дека добрососедските односи е едн од нив) зашто дијалогот за минатото го третира како „егзистенционална закана“ по македонската нација.

Што се однесува до македонско малцинствои во уставот на Бугарија мислам дека и во сериозен дипломатски дијалог меѓу Скопје и Софија тоа би било тешко остварливо, а како услов упатен до членката на ЕУ Бугарија и до Брисел,па, ич.

 

Back to top button
Close