Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев бара укинување на притворот
Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев бара укинување на притворот и определување на некоја друга поефикасна мерка, како куќен притвор со гаранција на куќата во која живее и одзмање на патната исправа, со цел, како што велат, да му се овозможи да се брани соодветно и да можат да работат на дневна основа во двата предмети кои се водат против нивниот клиент.
Бранителот на Васев, адвокат Боби Спирковски, по денешното рочиште во изјава за медиумите, посочи дека нивните барања постојано се одбиваат и се определуваат нови 30 дена притвор со што му се загрозува правото на ефикасна одбрана.
-Денеска поднесов предлог за укинување на мерката притвор. Имаме огромен проблем како одбрана, се работи за два предмети кои се фантастично обемни, има огромен број на докази и ние не можеме едноставно да функционираме. Ова е специјализиран медицински предмет, а другиот економскиот е повторно врзан со неговото знаење и искуство како директор. Ние не можеме да функционираме нормално. Вака од притвор, вакви два предмети со ваква динамика, му се загрозува правото на одбрана на човекот, изјави Сприковски.
Спирковски, нагласи дека предметите се многу обемни и сега работаат и по три саати во затвор.
-За нас е клучно да му се овозможи на доктор Нино Васев да се брани како што доликува, да можеме да работиме како што доликува. Предметите се огромни и бараат негово присуство. Не можеме без него и да работиме. Затоа, апелирам на Судот да ни обезбедат услови за работа, за одбрана. Вака не можеме да се браниме, изјави Спирковски.
Судот во мај годинава на Васев и организацискиот директор на Клиниката Нехат Нухи им определи мерка „куќен притвор“, но по жалбите Апелација на 20 јуни годинава го укина и замени со мерка ефективен притвор.