Одговор на ИРЛ за реакцијата на ЈОРСМ за истражувањето „Кочани-нашиот морален компромис“

Обвинителството веќе шест месеци располага со докази за злоупотреба на службена положба, примање мито и оддавање доверливи информации за инспекциски контроли. Овие докази не се однесуваат само на даночни и финансиски прашања под надлежност на УЈП, туку и на фактот дека вработени од Управата давале информации за заеднички контроли со други институции, како што е МВР, кои требало да ги проверуваат и безбедносните аспекти.
Од сите прес-конференции на Јавното обвинителство во врска со овој настан, ниту еднаш не беше јавно кажано дека се вршат проверки во однос на УЈП во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци, ниту пак дека истрагата ќе се прошири за системско разрешување на случајот. Исто така, никогаш не беше кажано дека се преземаат дејствија за да се утврди дали други лица, преку преземање или непреземање на законски обврски, посредно придонеле кон настанот кој можел да биде спречен. Примери за такви дејствија се затворање на објектот или спречување на негово работење.
Овие прашања беа легитимно поставувани од колеги новинари, на што обвинителот одговори дека нема докази за други сторени кривични дела. Токму затоа ИРЛ, врз основа на доказите доставени во Судот во рамките на тековната постапка, јавно укажа дека постојат индиции и за други кривични дела. Иако тие можеби не се во директна врска со предизвикувањето на пожарот, тие јасно укажуваат дека државата имала можност да спречи ваква трагедија преку контроли и санкции врз правното лице. Такви репресивни мерки можеле да влијаат врз сопственикот и управителот да ги исполнуваат своите законски обврски и да обезбедат услови за безбедни настани, како и соодветно исполнување на техничките критериуми за работење.
Иако овие институции не се директни виновници за пожарот, тие имаат голема улога и одговорност во одржувањето на работата на локалот без да бидат исполнети законските барања. Тука лежи јавниот интерес кој беше предмет на нашето истражување.