Одиме ли на воената парада во Москва на 9-ти мај?

Треба ли Македонија да учествува на парадата во Москва на 9-ти мај, со која Русија ја обележува победата над фашизмот ? ЕУ упати опомена до две земји членки, Унгарија и Словачка и до една земја кандидат, Србија, заради намерата, нивните премиери и претседател да земат учество стоејќи на Црвениот плоштад со Владимир Путин. Со тој чин, се вели во соопштението од Брисел, на рускиот претседател би му се дал легитимитет за една „со ништо неиспровоцирана агресија“ врз Украина. Овој став за „неиспровоцирана агресија“е заедничкиот именител на мнозинството европски политичари, но и на мнозинството американски политичари. Тоа е, исто така,став на мнозинството Американци и на мнозинството Европејци. Единствениот висок политичар кој јавно и јасно кажа дека вината за почетокот на војната е на Западот, наведувајќи ја политиката за проширување на НАТО со Украина, е Доналд Трамп.

Парадоксално, но токму тој, од сите луѓе, го прифати наративот на реалистичката школа на науката за меѓународната политика дека кога една голема сила, во случајот Русија,ќе почувствува „егзистенционална закана“ од друга голема сила, ќе стори се за да ја отклони заканата, и со војна ако треба. Приказната е прастара. Во книгата „Пелопонезки војни“ од античкиот историчар и генерал Тукидид, тој пишува за причините за војната меѓу двете „големи сили“ на хеленскиот свет – Атина и Спарта. Причината за војната, пишува тој беше стравот, „егзистенционалната закана“. Стравот дека ако Спарта и дозволи на Атина да го изгради големиот зид околу својот град-држава, Атина ќе може да го избере моментот за напад врз Спарта. Оттаму одлуката на Спарта да нападне прва. Зменете ги само Атина со Америка и Спарта со Русија и ете ви ја современата приказна. Не можам да гарантирам дека претседателот на САД Трамп, го поседува ова образование, но, како што пишуваат биографите на разните американски претседатели, тие и онака носат одлуки според нивниот „инстинкт“, начин на однесување,мислење и чувствување кој не се учи туку е резултат на природна желба или тенденција која те тера да се однесуваш на определен начин. Во таа смисла, Трамп инстинктивно бира мир наместо војна.

Но, смената на американските претседатели која предизвика драматична промена ко војната во Украина не е можна во комплицираните парламентарни демократии на европскиот континент. Не можејќи да го проголтаат она што го збореле колку до вчера а да не изгубат образ (и гласачи!), европските политичари бараат да продолжи конфронтацијата со Русија. Како што му е потребно на еден танкер време за да запре, така, со време. и европските политики ќе се постројат зад Америка. Денес, како што ќе изјави идниот министер за одбрана на Германија Писториус – ова што го прави Трамп е „капитулација“. Капитулација е но со неа ќе се избегне нуклеарен сукоб помеѓу Америка и Русија. Потоа следи отрезнување преку научените лекции за односите помеѓу големите нуклеарни сили и нивните помали сојузници.

И конечно прашањето: треба ли РС Македонија да учествува на воената парада во Москава на 9-ти мај? Ставот на ЕУ за „со ништо неиспровоцираната“ агресија го знаеме. Го знаеме ставот на Трамп дека ширењето на НАТОпод водство на неговата држава, ја испрововира руската интервенција. Значи, со кого сме – со Европа или со Америка? Сепак – одиме со Европа. И не затоа што Трамп не е во право туку, затоа што, сега откога Трамп ја отклони опасноста од нуклеарна војна, треба да ги исчекаме нашите идни сојузници во промена на нивните политики. Чекајте за момент – па ние ја споделуваме европската а не политиката на нашиот „стратешки партнер“кон Украина, па и нам ќе ни треба време да се прилагодиме. Или, можеби грешам?

 

Денко Малески

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close