Одложено рочиштето од судењето на ексдиректорката на ДКСК, Димитровска – Апелација сè уште не одлучила кое обвинителство е надлежно
Судското рочиште за предметот против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, што требаше да се одржи денеска, се одложи бидејќи Апелацискиот суд Скопје сè уште не донел одлука за тоа кое обвинителство е надлежно за водење на постапката.

Имено, како што беше соопштено на денешното рочиште, сè уште се чека одлука дали предметот ќе го преземе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) или обвинението ќе го застапува Основното јавно обвинителство Скопје.
Одложувањето доаѓа по жалба што ја поднесе одбраната на обвинетата Билјана Петровска-Мантева, која во овој предмет се товари за одавање службена тајна.
Димитровска, пак, е обвинета за две кривични дела – одавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат, односно дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.
Покрај Димитровска, на обвинителна клупа седнаа и ревизорот Столевски, како и обвинетите Борче Најдов и Билјана Петровска-Мантева. Во текот на досегашната постапка Обвинителството побара предметот да се спои со случајот „Адитив“, но судот одлучи постапката да се раздвои само во однос на обвинетиот Борче Најдов.
Бранителот на Димитровска, адвокатот Владимир Туфегџиќ, тврди дека информациите што таа ги споделила не претставуваат службена тајна, туку се јавно достапни податоци, а за делото поврзано со сертификатот посочува дека клучни биле безбедносните проверки на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), а не самиот тест. Одбраната најави сведочење на претставници од АНБ и од ДКСК и очекува ослободителна пресуда.

„Очекувам ослободителна пресуда за Татјана Димитровска, тоа е сè што можам да кажам во овој момент бидејќи во меѓувреме доставивме докази, кои целосно го дискредитираат обвинението против неа. Тоа се докази од Антикорупциска, извештај од 30 јули 2025 година, со кој се потврдува тезата на одбраната дека не е остварено законско битие на кривичното дело одавање службена тајна“, рече Туфегџиќ во изјава за медиумите по рочиштето одржано на 30 септември, кога започна судењето.
Од Обвинителството, пак, посочуваат дека располагаат со цврсти материјални и вербални докази и дека анализата на податоците екстрахирани од мобилниот телефон на Димитровска, кои опфаќаат речиси 250 000 електронски записи, е при крај.
Следното рочиште за случајот е закажано за 18 февруари.






