Одложено судењето против Раде Трајковски Штекли: двајца психијатри му утврдиле различна дијагноза
Судијата Илија Трпков денеска повторно го одложи судењето против Раде Трајковски Штекли, бидејќи двајца психијатри дале различна дијагноза за обвинетиот. На следното рочиште вештаците треба да ги објаснат своите дијагнози пред Судот.
Вештакот ангажиран од одбраната заклучил дека Трајковски не може да се застапува на суд и дека треба да оди на лечење на Клиниката за психијатрија.
„Од пред три години Трајковски има свој имагинарен учител кој го подучува на патот на вечниот живот, има бизарни идеи кои го преокупираат. Дома поставил камера бидејќи го преокупираат мисли дека албанската мафија се здружила против него. Има халуцинации, нарушено доживување на телото и на органите, шизофренија како психотично растројство“, напишал психијатарот Ѓорге Хаџи Ангеловски, кој бил ангажиран од одбраната на Штекли, пренесе Вечер прес.