Одлуката за можна ротација на ресори ќе зависи од лидерите на политичките партии, вели Алиу

Дали Вреди ќе добие еден член повеќе или ќе остане со шестмина во Владата, е дел од преговорите меѓу владините партнери, вели министерот за здравство Азир Алиу вечерва во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. На прашање за можна ротација на ресори, Алиу додава дека одлуката ќе зависи од лидерите на политичките партии.
Прашан можно ли е Беким Сали да биде нов ресорен министер, на пример, за европски прашања, на местото на Орхан Муртезани, и од таа позиција евентуално да биде вицепремиер, или можеби некој друг од министрите на Вреди ќе биде вицепремиер, Алиу упатува на договорот за владината и внатрешната структура во Вреди и оти ресорот европски прашања ѝ припаѓа на Алтернатива.
– Освен договор во којшто е креирана таа владина структура, исто така ние имаме и договор, бидејќи ВЛЕН е, нели, составена од четири политички партии, внатре исто така поделена структура на политички позиции, директорски, заменик-министри и така натаму. И ценам дека имајќи ги предвид внатрешните структури, поделбата внатре во самиот ВЛЕН, исто така имајќи го предвид тој договор што го имаме со ВМРО-ДПМНЕ за креирање на владата, веќе година и пол активна, ценам дека ќе се најде начин како тоа да се реорганизира. Таа позиција е позиција на Алтернатива, така што тие внатре ќе треба да се организираат за реорганизација или ’свичување’ од еден на друг, на друга позиција на колегите што се дел од од владата, вели Алиу.
Разговорите, дополнува тој, се во тек, за два-три дена, максимум четири, ќе имаме резултати и ќе видиме која структура на новата, да кажеме после локалните избори, организација ќе ја имаме.
Како што објави „360 степени“, Алиу потврдува и дека Недим Рама или Мухамед Хоџа можат да бидат нови министри, како кадар од структурата на Изет Меџити.
– Тоа зависи од нив кој ќе одлучат. Се спомнуваат и двајцата. Сепак, не би било добро јас да давам такви информации, коишто верувам дека сè уште не се конечни како имиња, да не прејудицираме, вели Алиу одговарајќи потврдно дека едно од двете имиња ќе биде министер за животна средина.
Тој лично очекува да ја задржи неговата позиција во Владата, но не ја отфрла можноста да предводи и трет ресор во иднина, со оглед на тоа што претходно беше министер за информатичко општество и администрација.
– Мојата позиција во владата, но и како човек, мојот пристап е да се работи и да бидам активен и да ги реализирам сите активности коишто ни се предвидени за 2025 година, бидејќи јас сум свесен за досегашните и за оваа политичка позиција која ја гледам како позиција којашто ти е дадена да може да ги реализираш целите на таа институција. И верувајте дека јас од таа позиција се носам и се водам секој ден. Сепак, овие не се позиции за коишто аплицирате на некој отворен повик, полагате тест и сте најдобриот во системот за да бидете министер за некој ресор. Во овој случај за ресорот Министерство за здравство. Така што, не патам, ниту се грижам, ниту трошам енергија. Како што кажав, реорганизација на владата се прави од политички аспект и од функционален аспект и ценам дека сега засега таа позиција е позиција на Алијанса за Албанците, вели Алиу.
Во однос на предвремени парламентарни избори, Алиу оценува дека зависи од кој аспект се гледа на прашањето – од политички или државнички.
– Политички гледано тоа сега е идеално да се направи, поради тоа што и ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ се победници на овие локални избори, но државнички гледано, тоа мислам дека не е во ред, заради динамиката на работа што ја имаме сите институции. Еве, Министерството за здравство, на пример, во моментот во тек ни е 205 милиони евра за инфраструктурни инвестиции во здравството, во Кичево, во Тетово и во Штип. И ценам дека сите тие процеси би се одлагале минимум за шест месеци, а притоа плус три-четири месеци додека, нели, креирате нова политичка агенда, додека креирате акциски планови на ниво на министерство. И ценам дека државнички гледано освен економскиот момент, трошоци, мислам дека и тој момент на реализација на програмата би било залудно да имаме предвремени избори, додаде Алиу.
На прашањето дали би било прифатливо како аргумент одржување на парламентарни избори за потоа да се влезе во уставни измени, Алиу посочува – „ако се работи за процеси кои што придонесуваат кон државата, дали се тие економски или политички – дефинитивно, да“.






