Одмазда меѓу закрвени семејства е можен мотив за пукањето во Тетово

Крвавата престрелка што се случи во неделата на пладне во Тетово, кога беа ранети мало девојче и пешак кои се нашле на погрешно место и погрешно време е продолжение на пукањето што се случуваше минатата година пред болницата во Тетово, односно според неофицијалните информации на „Слободен печат“ е пресметка меѓу семејствата Мусаи од тетовско Гајре и Терзија.

Ниту Министерството за внатрешни работи, ниту Јавното обвинителство не излегоа со дополнителни информации за мотивите зошто се пукало среде бел ден во Тетово. Неофицијално се објавува дека МВР лишили од слобода три лица и дека се правеле претреси на повеќе локации село Гајре каде биле најдени предмети од интерес на истрагата.

Филмското пукање заврши со еден застрелан, чие тело беше најдено во едно од возилата од кои се пукало.

Според нашите неофицијални информации пукањето е одмазда за убиениот Мусаи пред болницата кога двајца браќа беа ранети, а еден им подлегна на повредите. Претходно двете семејства се тепале пред суд, а во неделата пресметката меѓу семејствата за малку ќе завршеше и со жртви кои немаат никаква врска со тепањето.

-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово изврши увид и ги издава сите потребни наредби и насоки за прибирање докази и целосно испитување на настанот, вклучувајќи ги дејствијата и мотивите на сите инволвирани. Во оваа фаза на постапката, не сме во можност да споделуваме детали – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Детали нема ниту од СВР Тетово од каде вчера излегоа со првични информации. Според она што го соопштија на крстосницата на улиците „Илинденска“ со улицата „Благоја Тоска“ се случила вооружена пресметка помеѓу лица од две возила, а потоа направиле и сообраќајка. Едно од возилата „форд фиеста“ било во сопственост на Е.М., деветнаесетгодишник од тетовско Гајре. Другото возило пак „фолксваген голф“ било во сопственост на четириесет и шестгодишниот Ф.Р. од Тетово, и било најдено на улица „107“, а во него бил најден и починатиот.

Двајца од повредени О.О. и Р.Т. се погодени во градниот кош, малолетното девојче имало рана на натколеница, а пешакот бил со скршеници.

Во Тетово денеска беше директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев кој се сретна со раководството на СВР Тетово и порача дека преземаат активности за да се гарантира безбедноста на граѓаните.

– Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата. Истовремено, на сторителите и сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови и несогласувања им порачувам дека ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Полицијата ги стави во функција сите потребни служби со цел да бидат фатени сите инволвирани во овој инцидент – рече Јанев.

За пукањето во Тетово прашање имаше и за премиерот Христијан Мицкоски со оглед на тоа што ова не е прва пресметка меѓу семејствата. И за овој случај Мицкоски го обвини обвинителот. – Мојот став за обвинителот го знаете – рече Мицкоски.

 

Back to top button
Close