Одобрен обвинителниот акт за обвинетите за скандалот со Онкологија

Кривичниот суд во Скопје го одобри обвинителниот акт поднесен од Обвинителството во случајот познат во јавноста како „Онкологија“, со кој на обвинителна клупа ќе седнат поранешните директори на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, како и неколку онколози.

„Советот за оцена на обвинител акт, постапувајќи по обвинението со К – ООА 128/25 за случајот, во јавноста познат, како „ Онкологија “, поднесен 22.05.2025 година, донесе решение со кое приговорот на одбраната се одбива, а актот се одобрува. По вака одобрениот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со К.бр. 1069/25 кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен ан понатамошно постапување кај судија, а што биде насрочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб страната на судот“, велат од Кривичен суд.

Поранешниот директор Нино Васев е обвинет за злоупотреба на службена положба и загрозување на здравјето на пациенти. Според обвинението, кај најмалку 29 пациенти било утврдено погрешно дозирање на терапијата и отстапки од стандардните онколошки протоколи. Во дел од постапката се наведува дека Васев имал помош од колешка од одделот за тумори на дојка.

Покрај него, обвинети се и двајца лекари од одделот за белодробни заболувања, за давање терапија без медицинска оправданост.

Во вториот дел од постапката, Васев и поранешниот медицински директор Нехат Нухи се товарат за проневера и измама во вредност од над 35 милиони евра, со што е нанесена голема штета на државниот буџет. Според Обвинителството, станува збор за недоставување на лекови на пациенти, додека финансиските средства биле неосновано повлечени.

Случајот „Онкологија“ го потресе здравствениот систем и беше отворен пред две години. Обвинителството го оценува како еден од најкомплексните случаи на криминал во јавното здравство досега.

Back to top button
Close