Одобрена одлуката за воена мисија на ЕУ за поддршка на украинската војска

Советот на ЕУ попладнево соопшти дека и официјално е одобрена Мисијата за воена асистенција на Украина (ЕУМАМ Украина), на барање на Киев за воена помош, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Унија со ова етаблира нова воена мисија, чија цел ќе биде да помогне да се зајакнат воените капацитети на украинската војска и да води воени операции за да го одбрани својот територијален интегритет и своите граници, изјавија од Советот на ЕУ. Земјите членки ќе обучуваат украински војници во ЕУ.

Мисијата ЕУМАМ Украина ќе обезбедува индивидуална, колективна и специјализирана обука за украинските воени сили и ќе се врши координација помеѓу земјите членки на ЕУ и Киев за редовни обуки.

-ЕУМАМ ќе ги обучува украинските воени сили за да можат да продолжат храбро да се борат. ЕУМАМ не е само мисија за обука, таа е јасен доказ дека ЕУ ќе стои покрај Украина онолку колку што е потребно, изјави Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Конкретно мисијата ќе работи во земјите членки, а оперативното седиште ќе се наоѓа во Брисел, каде ќе се врши координацијата. Командир на мисијата ќе биде Херве Блежан.

Мандатот првично ќе трае две години, и ќе чини над 106 милиони евра. Мисијата е отворена и за земји кои не се членки на ЕУ ако сакаат да учествуваат.

Оваа мисија се етаблира на барање на украинскиот министер за одбрана, кој побара итна воена помош на крајот на септември.

Back to top button
Close