Одржувањето на плоштадот Македонија е надлежност на Градот Скопје
Во утринското гостување во МРТВ, градоначалникот на Општина Центар Горан зборуваше за актуелните и тековни проекти во општината меѓу кои и за надлежностите на општината и градот Скопје. Прашан дали одржувањето на Плоштадот Македонија е обврска на општина Центар или градот Скопје Герасимовски појасни дека граѓаните недоволно се информирани за надлежностите на Општина Центар како централна општина во градот по што често барањата и поплаките се однесуваат на локации за кои општината нема ингеренции да интервенира или допринесе.
„Не само самиот плоштад туку и многу улици и булевари се под градот. Сега имавме и отчет којшто траеше четири дена на којшто заедно со граѓаните дискутиравме што е направено изминатата година но и што планираме за наредната година. И многу барања имаше за места на кои Општина Центар нема надлежност да постапува. Самиот плоштад е ингеренција на Градот Скопје вклучувајќи ја и ул. Македонија за која често добиваме преписки до општината по социјалните мрежи поради тоа што дел од улицата Македонија е во лоша состојба особено за оние плочки кои се раскопани“, изјави Герасимовски.
Сепак тој појасни дека Општина Центар има ингеренции во одржувањето на Офицерскиот дом и хотелот на плоштадот поради што општината веќе почнала со изрекување казни кон инвеститорите кои започнале со работа но ќе ги довршуваат градбите.
„Општината веќе почна да наплаќа пенали од инвеститорите поради не извршената работа и ако заприметите во моментов веќе и таму се прави. Целта и идејата ми е да го разубавиме плоштадот и тие згради кои стојат веќе една деценија конечно се направат“, изјави Герасимовски.
Општина Центар и Град Скопје одржуваат добра соработка во интерес на граѓаните, потенцираше Герасимовски. Досега комуникацијата се одвивала на повеќе теми за кои бил изнајден заеднички јазик и решенија во полза на граѓаните. Тоа мора да биде така и поради фактот што Општина Центар и Градот Скопје се меѓусебно зависни, рече Герасимовски во МРТВ.