Одземање на пасошот и мерки на претпазливост бара ОЈО од лице осомничено дека ја гради шесткатната зграда во Чаир на диво

Постапувајќи по кривична пријава од група граѓани, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши проверки и донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот законик.
Објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште на улицата “Кемал Сејфула” во Чаир. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност По+П+6+Пк наменети за продажба.

По наредба на јавен обвинител, овластен судски вештак од областа на градежништвото констатирал моментална фаза на изграденост, односно изведени армирано-бетонски работи, целосно избетонирана скелетна армирано-бетонска конструкција, столбови, греди и плочи од подрум до шестиот кат, како и ѕидање на надворешни и внатрешни ѕидови со блок тула.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – обврска да се јавува кај определено службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за изведување градежни работи на објектот-дивоградба.

Back to top button
Close