Официјална Хавана соопшти дека Куба ќе се брани во случај на напад од САД
Куба ќе го искористи правото на самоодбрана во случај на воен напад од страна на Соединети Американски Држави- соопшти кубанското Министерство за надворешни работи.

Заменик-министерот за надворешни работи, Карлос Фернандес де Косио, преку платформата „Икс“ оцени дека „антикубанската кампања“, која според него има цел да оправда евентуален воен напад врз Куба, се засилува со „сè поапсурдни обвинувања“.
„САД се агресорот. Куба е земјата што е под напад и постапува во согласност со принципот на самоодбрана“, наведе тој.
Кубанската амбасада во Вашингтон и Министерството за надворешни работи во Хавана исто така порачаа дека земјата има право на самоодбрана оценувајќи дека подготовките за можен напад неоправдано се претставуваат како закана.
Американскиот политички портал „Аксиос“ претходно објави дека Куба подготвува планови за евентуално распоредување дронови против американски цели во случај на криза. Според извештајот базиран врз разузнавачки извори, Куба наводно набавила повеќе од 300 борбени дрона и разгледувала можни сценарија за нивна употреба против американската база во заливот Гвантанамо, американски воени бродови и потенцијално против цели на Флорида.
Според висок американски претставник цитиран од „Аксиос“, тие информации би можеле да послужат како потенцијален „изговор за воена акција“ од страна на САД и ја одразуваат перцепцијата на администрацијата на Доналд Трамп дека Куба претставува безбедносна закана. Како дополнителен фактор се наведува и присуството ирански воени советници во Хавана.
Сепак, американските разузнавачки служби засега не сметаат дека Куба планира непосреден напад, туку дека станува збор за подготовки во случај на евентуален конфликт.
Односите меѓу Куба и Соединети Американски Држави се затегнати уште од Кубанската револуција во 1959 година, а за време на мандатот на Доналд Трамп дополнително се влошија по воведувањето нови санкции и економски мерки против Хавана.





