Официјалниот сајт vlada.mk недостапен поради истечен безбедносен сертификат
Официјалната веб-страница на Владата на Република Северна Македонија, vlada.mk, денеска е недостапна или означена како небезбедна за голем број корисници, поради тоа што нејзиниот безбедносен SSL сертификат е истечен. Овој основен пропуст во дигиталното одржување значи дека врската кон владината страница не е шифрирана и безбедна, што претставува сериозен безбедносен ризик, објави 4NEWS.mk
Посетителите на страницата денеска беа пречекани со предупредувачка порака од нивните интернет прелистувачи, во која се наведува: „Овој сервер не можеше да докаже дека е vlada.mk; неговиот безбедносен сертификат истече во последниот ден.“.
Истекувањето на безбедносниот сертификат, кој служи за да се потврди идентитетот на веб-страницата и да се заштитат податоците што се разменуваат, е честа појава кај помали сајтови, но се смета за сериозен пропуст за клучна владина институција, објави 4NEWS.mk
Поради овој проблем, граѓаните, медиумите и сите заинтересирани страни во текот на денот немаа безбеден пристап до официјалните соопштенија, одлуки и информации што ги објавува Владата. Проблемот може да биде решен единствено од страна на администраторите на владината веб-страница со обновување на сертификатот.