Официјално: Лазаров нов селектор на репрезентацијата

Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров и официјално е именуван за нов селектор на македонската репрезентација.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов информираше дека на вчерашниот состанок на Управниот одбор е донесена одлука Лазаров да го преземе националниот тим.
-Денеска ја имам посебната чест и привилегија, сакам да кажам една вест што е многу важна за натамошниот развој на македонскиот ракомет. На вчерашниот состанок на УО на РФМ донесовме одлука за нов селектор – тренер на машката репрезентација да го избереме апсолутно најголемиот спортист во историјата на Македонија – Кире Лазаров рече Мукаетов.
Сепак, Лазаров прво ќе добие договор на една година поради административни процедури.
-„Се договоривме со Кире Лазаров тој да биде нов селектор – тренер на машката ракометна репрезентација, во период од една година додека ја добие мастерс-коуч дипломата. Потоа тој ќе добие четиригодишен договор како селектор. За мене е чест и привилегија да ви ја соопштам таа вест, бидејќи ова е голем ден за македонскиот ракомет. Пресреќен сум што заедно со Лазаров ќе ги биеме битките за македонскиот ракомет, појасни Мукаетов.






