Офтика

Почитувани читатели,

Знам дека ве оптеретувам со прашањето околу стечајот на Еуростандард банка. Многумина мои блиски пријатели и тоа мудри пријатели ме советуваат да го “контролирам” своето комуницирање со медиумите. Јас, за жал неможам да ги прифатам овие совети, бидејќи ако ми зедоа се од материјална страна, нема да дозволам да ми го земат образот и достоинството кои што ми биле водилка низ целиот мој живот. Од тие причини денеска повторно ви се обраќам, не со цел да се правдам, туку да си го сочувам образот и достоинството кои за мене се најсвето во мојот живот, а сега би почнал…..

Како граѓанин на Република Македонија по националност македонец, а по вера христијанин, сакам да проговорам за  богатството кое го имаме во нашиот македонски јазик, кој освен кодификуваниот литературен е исполнет со мноштво дијалекти. Токму дијалектите се најголемото богатство од кои црпевме и сѐ уште црпиме зборови, фрази, идиоми, симболички и фактички значења и подзначења што го збогатуваат и секојдневниот говор и литературниот јазик.

Сведок сум, а претпоставувам и вие, на динамичноста и на живоста со која катадневно македонскиот јазик го зголемува фондот на зборови. Вљубен сум во сопствениот јазик, а уште повеќе во дијалектите на македонскиот јазик, кои ја красат уникатноста на нашата малечка држава.

Немам сомнежи дека самиот наслов кои можеби многумина неможат да го разберат, е збор кој го научив од мојата покојна баба Неда, кој мене ми делува многу архаично и богато. Имено, кога ќе се случеше во соседството ненадејна смрт поради психолошки или финансиски оптеретувања, баба ми Неда умееше да каже „туго..туго…човекот си умре од офтика“, за истиот таков случај гевгеличани би рекле  „евааа….евааа чувекут си умре од с`клет или с`клма“.

Сето горе споменато го кажувам како вовед за она што сакам да го испорачам кај читателите како заклучок.

Сите ние како индивидуи, поединци имаме свои животни истории и претпоставувам дека нема човек кој не доживеал во својот живот некој трауматичен момент. Секој поединец е посебна приказна, а секоја планина си носи своја тежина, така велат…..

Во животот сум имал сѐ, од успони до падови, предизвици, што посебно кога се навестува катаклизмичко предвидување, сум научил да бидам цврст, и реалноста да ја гледам со отворени очи. Можеби тоа е поривот што во мојата доба од животот сум се впрегнал да ја докажам вистината, а вистината е само една. Запаметете, не постојат две вистини, постои само една вистина.!!!!!

Го имам тоа бреме на себе кое мојата баба умееше да го именува како офтика, а мојата многу сакана покојна тетка Тинка од Гевгелија го именуваше како с`клет или с`клма.

Предизвикот мене ме прави посебен и силен, бидејќи вистината ја имам во себе и верувајте ми чист сум пред себе и пред Бога.

Сето погоре наведено, нека ми простат читателите е упатено кон структурите кои дозволија да се однесе Еуростандард банка во стечај.

Нема да се повторувам, меѓутоа таксативно ќе ги набројам фактите, со што сум убеден дека во секоја правна држава ќе бидат релевантни и ќе победи правдата.

Свесен сум дека пред себе го имам целиот државен систем против себе, но ако можат да ги проголтаат сите овие факти, тогаш нека ми простат, СРАМ ДА ИМ Е.

Фактите се следни:

  1. Прекршени процедури од Народна банка кои ја однесоа ЕСБ во стечај
  2. Цела година ни беше одземено правото да работиме со правни и физички лица како банка.што значи моравме да преживееме како банка на вода и воздух.
  3. Вонредната состојба од пандемијата Ковид-19 која траеше 97 дена и важеше за сите освен за ЕСБ и нас како акционери.
  4. За неполни 5 месеци од 7% адекватност на капиталот, по математика на Народна банка нѐ симна на 2%, не земајќи ја предвид вонредната состојба од точно 3 месеци и 1 недела, каде ни беше ограничено правото да делуваме за присилна наплата на нашите побарувања, а во изминатите месеци тоа го правевме многу солидно и наплатувавме од 2,5 до 3,5 милиони евра секој месец.
  5. Одземањето на лиценцата од Народна банка и носењето на банката во стечај е направено во време кога немавме конституирано Собрание на РМ , ниту Влада на РМ, што во основа значи дека Г-ѓата Бежоска не се консултирала со ниту една висока институција како Влада и Собрание, а при тоа користејќи ја алатката дискреционо право да уништи човечки животи и судбини.
  6. Стратешкиот партнер не беше удостоен ниту со еден разговор во Народна банка, иако ги исполнуваше сите критериуми за влез во банката.
  7. Да припомнам дека маргинализирањето на ЕСБ во вкупниот платен промет од страна на Госпоѓата Бежоска е грев, бидејќи 26% од вкупниот платен промет во РМ се овиваше преку ЕСБ и експозиурите на Македонски Пошти. Оштетена е најсоцијалната категорија на граѓани во РМ, со одземањето на лиценцата.

 

На база сето она погоре изнесено упатувам јавен повик до сите политички партии, до банкарската фела и сите владини и невладини институции, без исклучок да се заземат за овој случај и да ги ослободат институциите кои по закон се повикани да делуваат во вакви случаи, без партиски притисоци.

Јас, останувам на својот бедем и ќе ја барам вистината за злосторот кој беше направен врз ЕСБ.

Го молам Севишниот да ми даде здравје и да ми го сочува умот, а бидете убедени дека од оваа битка нема никогаш да се повлечам.

Трифун Костовски

Back to top button
Close