Огласот за избор на апелациски судии траеше недозволено долго, признава претседателот на Судскиот совет

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека една од главните критики додека е тој претседател на ова тело е дека постапките по огласите за избор на судии траат предолго. Ова тој го изјави на прашањето за низата критики за изборот на десет судии во Апелацискиот суд Скопје.

„Ова е еден од тие огласи што траеше предолго. Тоа е недозволиво. Тоа не смее да ни се повтори никогаш во иднина. Јас не ни бев во Судскиот совет кога овој оглас бил распишан, кога завршувале тие постапки. Колегите што беа активно вклучени, јас исто како и вие ги прашувам – зошто, што сме чекале толку, зошто досега немаме одлука. Тие ми кажуваат, а тоа се и факти, дека беше изборен процес, а додека трае изборен процес не смееме ниту да избираме, ниту да казнуваме, ниту да разрешуваме судии. Станува збор за огромен број кандидати, повеќе од 60 мислам дека беа. Со бројни жалби, тужби, по сите инстанци. Епилогот беше таа постапка да трае година и половина. Не трпевме ние критики само од нашиве колеги, од судиите, кои за мене се најважни, бидејќи и јас сум судија, и јас доаѓам оттаму. И навистина не би ми било сеедно да конкурирам некаде и да чекам година и пол, да не знам што се случува со таа постапка. Ние имавме критики од меѓународниот фактор на сите средби што ги имавме. Постојано нè прашуваа – зошто немате завршено со изборите, зошто толку ви траат. Последниов период вложивме напори, јас како претседател и сите колеги, максимално да се заложат, да ја спроведеме таа постапка и тој оглас, еднаш засекогаш, како таков да не ни се повтори и да го затвориме“,рече Камбовски.

На прашањето дали во тој период од една и пол година кандидатите можеле да калкулираат со дел од одлуките за да се допаднат или да не му се допаднат некому, Камбовски одговори потврдно.

„Апсолутно. Затоа ви кажувам дека тоа е недозволиво. Недозволиво е, не само за Судски совет, било каде да конкурирате и година и пол да не знаете што се случува со таа пријава. Не можете ништо да планирате. Не можете да работите. И да не калкулирате, во секојдневното ваше работење ви стои тоа дека сте конкурирале и дека очекувате да бидете избран. Значи, не е едноставно“, додаде тој.

Прашан за ставот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, дека не е постапено по конечно решение на Врховниот суд и правосилна пресуда на Управен суд, што се сведува на тоа дека судијата (Андреј Димовски, н.з.) не е оценет и рангиран соодветно, Камбовски рече дека тоа не е точно.

Камбовски: Постапено е по сите тие одлуки што ги набројавте. Некому ако не му се допаѓаат тие оценки, не е виновен Судскиот совет.

360°: Видовме дека додека вие сте одлучувале за избор на нови апелациски судии, пред Управниот суд се водела уште една постапка иницирана од судијата Андреј Димовски. Одлуката дојде пред неколку дена. Зошто не ја почекавте пред да направите избор?

Камбовски: Има правила за тие постапки. Колегата добил судска заштита за тоа што го барал и тука завршува. Останува Судскиот совет да одлучува. Ние не можеме да си дозволиме тоа да оди до бескрај затоа што тогаш, не година и половина, пет години ќе ни траат постапките за избор имајќи го предвид нашиот менталитет дека секој сака да се жали, дека секој сака да тужи.

360°: Има ли спорно во тоа што Управниот суд еднаш мериторно одлучил, а сега ја отфрли тужбата?

Камбовски: Ја отфрли затоа што не можете вие по пет пати да барате судска заштита за една иста работа. Ние тука губиме премногу енергија и време на работи што се мерливи и видливи. Ние сме оценувале над 60 луѓе. Тие што биле незадоволни, шест или седум, ги поминале. Останува само еден кој сè уште е незадоволен. Не може да кажеме дека поради тој еден наш колега не бил спроведен изборот како што треба. Без да навлегувам во начинот и зошто тоа го спори и што не му било оценувано. Не сакам во тоа да навлегувам. За мене многу поважна е самата методологија на оценување. Јас не сум задоволен од неа. Јас ги поддржувам судиите таа да биде променета, затоа што, како што сега е поставено оценувањето во нашиот Деловник, не сум сигурен дека секогаш најдобрите судии успеваат на таа ранг-листа да стигнат до атрактивните први места.

На прашањето дали имало етички дилеми за тоа дали треба да бидат избрани за апелациски судии сопругата на претседателот на Уставниот суд и сопругата на советник на премиерот, Камбовски рече дека според него – не.

„Не, бидејќи зборуваме за судии кои не се од вчера во судството. Тие имаат стаж, поминале време и, според мене, се професионалци. Доколку не ја работат работата како што треба, имаме механизми во оваа држава, постојат закони, ќе ги пријавуваат луѓето, ќе се водат постапки. Нашава држава е толку мала, како и да вртиме, некој со некого нешто ќе биде. Мислам дека долго време се оптоваруваме со тоа, а не гледаме кој што работи. Ако тие судии се квалитетни, тие се квалитетни без разлика чии сопруги и сопрузи се“, рече тој.

Back to top button
Close