Ограбил куќа во Скопје, украл накит и техника вредни 296.000 денари – обвинителството бара притвор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека извршило кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 23-годишник, на 02.01.2024 година, провалил во куќа на улицата „Востаничка“ во Скопје, така што со помош на пластична маса се качил на балконот од првиот кат на куќата и насилно го отворил прозорецот. Потоа пребарувал низ собите и одзел накит, шест рачни часовници, два лаптоп компјутери, други вредни предмети и парични средства во износ од 1000 евра. Вкупната вредност на одземените предмети е проценета на 296.000 денари.
Потоа преку споредна врата ја напуштил куќата и повеќе од една година не бил достапен за полицијата. Имајќи предвид дека токму оваа околност укажува на ризикот осомничениот повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, како и фактот дека против него се поднесени пријави и за други дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.