Охриѓани со “шарена револуција!” ќе бираат нов митрополит!?
Во моите писанија, често, ја користам синтагмата ( “не барајте го во пештерите, туку во манастирите” (и владините одаи!),а, мислам за тој Црниот гавол, кого, во детството, од соселаните и домашните, слушав како го нарекуваат “Натемаго”. Тој, Натемаго, тој, кој, “нит ора нит копа”, туку мислата и времето ги користи за зло! Дека делото му е во злото!
Великиот, владика и учен, П.П. Његош, опоменуваше: “не се плашам од душманот, да ги има колку вгора лисја, тук се плашам од злото домашно”!
На овие размисли, тој, Натемаго, ме наведе, откако, вчера, на социјалните мрежи прочитав најава дека за вечерва, во 18,00 часот, на Градскиот плоштад, во Охрид, ќе се одржел, ненаков “мирен собир за поддршка на отец Партениј од Бигорскиот манастир, во актуелниит избор на нов старешина на Дебарско-кичевската епархија, со седиште во Охрид”!?
На еден од локалните портали стои:
Утре, петок 30.05 во 18:00 на градскиот плоштад во Охрид ќе се одржи мирен собир за подршка на Епископот Партениј како нај заслужен за местото, Митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Сите кои сакаат да изразат подршка за Дедо Партениј се добредојдени. Смирено да го кажеме нашето мислење во однос на архиепископскиот предлог за митрополит на нашата митрополија, информираат група верници.
На Социјалните мрежи, најавата е пренесувана од конкретни личности од Охрид, со нивни фотографии, во друштво со отец Партениј.
Од тоа би требало да прочитаме, кој стои зад протестот, кој е иницијаторот, кому треба да му веруваме, а “дешавката” продолжи со коментари на граѓани, за тоа кој е “подостоен “за таа позиција .
Ова ме потсети и на Великиот Прличев, на неговите совети и предупредувања, за тоа кому треба да му веруваме.
Веќе ви е позната неговата изрека: “за свеците по збор, односно в,аците по дело”!,
Не знам дали организаторите, во форма на “група граѓани” побарале од Полицијата дозвола за собирот, не се разбирам многу по световните, а уште помалку по црковните работи и прашања.
На никого не влијаам, но, од авион се гледа дека општеството ни е толку фрагментирано, те сега, ќе се делиме и по црковните работи! Таман, уште тоа ни фалеше!
Во чие име, со чие одобрение?
Секако, имам право на личен став. Ваков собир не смее да се одржи, сеедно дали полицијата го одобрила, или не? Ова е недозволиво. И како за народ, и како за верници (или неверници – сеедно), а најповеќе како за Македонци, односно како за македонска црква. Нејзиното место е толку ровито во православниот свет, те, уште само ова ни фалеше!
Какво е тоа мешање во црковните работи? Навистина Црквата е народот, но, во чие име, со чие одобрение, со какво вдахновение, поединци би си зеле такво право?
Со Христово ли одобрение!?
Та нели Богочовекот Исус, сппоред Светото евангелие на светиот апостол Марко (12:13-17), им рече на ониое што му се чудеа: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога.“
Кој си зема за право, однапред да суди, и да пушта во јавноста хемикалии од бел чад!? Зарем слушнавте од некаде, од католичкиот свет, некаков обид, за јавно собирање, во прилог на некој од кардиналите, можни да застанат на чело на понтификатот!?
Зарем сите што гласаа не ги затворија во папските одаи!? Дали имало лоборање, сигурно дека имало. Но, никако на јавна сцена. Што прво чувме од Коморникот, задолжен да го соопшти резултатот? Не чувме име на гласач, туку само тоа дека Светиот дух, тоа им го дошепнал. Оној што раководи со црквата. Бирал Светиот дух, а не група римјани!?
Како новинар, известував од настанот кога Црковно-народниот собор, во Света Софија, го бираше новиот ппоглавар на МПЦ, тогаш во ликот и делото на г.г.Стефан. Прв меѓу еднаквите, но и прв во Светиот синод, телото кое е надлежно да бира, телото кое го составуваат владици кои имаат право да гласаат и да бидат гласани, да изберат владика на некоја епархија.
Дали сите беа задоволни од одлуката на Црковно-народниот собор, со кој, “чиноначалствуваше”, колку што се сеќавам, професорот Попоски, од економскиот факултет од Прилеп, син на владика, кој владичел и во Охрид.
Незадоволни имаше и мегу владиците, потенцијални поглавари. Не сакам да споменувам имиња, но, во форма на прес конференција, еден, нас известувачите, не свика на скалите, каде фрли дрвја и камења по дедо Стефан.
Подоцна си легна на брашното, најверијатно преку добиената концесија со Австралиската епархија!
Веле Митаноски