Охрид како парадигма на неспособноста

Иако мислев прво малку да го расчепкаме она „Скопје 2014“ – да, по којзнае кој пат, ама сега од аспектот на негативната селекција – сепак Охрид некако се наметна, не само заради фактот што „надлежниот“ министер се појави на една од националните телевиизии и – нè остави без зборови! Повторувам, нè остави без зборови, но и во фрапантна дилема: дали оваа власт навистина сака да се справи со „случајот Охрид“ или тоа е само уште еден театар, уште една фарса на нејзината подолга листа, со којашто као ќе ги „играме“ УНЕСКО, ЕУ и светот дека, ете, ние нешто правиме? Зашто, извинете, ама не можете еден таков комплексен, мултидимензионален но пред сè СТРУЧЕН проблем да го решавате со полтикантски флоскули, со луѓе кои во Охрид оделе само на двонеделен одмор, кои за заштитата на културното и природното наследство знаат толку колку и за интергалактичките врски помеѓу Алфа Кентаур и Орион во некое време илјада светлосни години пред нас. И, да бидеме докрај искрени, зарем го заборавивме фијаското викано Баку, па оној закон за Охрид на кој се инсистираше пред одењето на таа екскурзија па којшто потоа беше експресно повлечен и никому ништо, па лекциите што само последниве три години на власта ѝ ги држат невладините од Охрид и експертите од цела Македонија и светот…? Ако сè тоа сме заборавиле и ако уште инсистираме на политикантски и негативно селективни решенија за балканскиот Ерусалим, се плашам дека од него сепак ќе направиме македонски Лас Вегас! И не се сомневам дека, во името на некаков измислен економски бум на тој град, па дури нека е и реален, голем дел од жителите ја избираат токму таа солуција. Ама има многу и против, нели? Или тие не се важни, а уште помалку важни се оние 5 милиони години старост на езерото и повеќемилениумската културна рефлексија на градот?

И го слушам екс-премиерот и најверојатно (повторен) иден мандатар како ги повикува граѓаните на избори за да ги вратиме институциите! Не чув точно на кои мисли, ама оние на коишто јас мислам и коишто се надлежни за Охрид (не само) последниве три години никој не ни ги украл па сега да мора да ги враќаме. Но, точно е, беа украдени долго време, цели два-тринаесет години и на најбезочен, највулгарен начин ја узурпираа и поништија својата стручност и професионалност – ако воопшто некогаш ја имале – туку во спрега со политикантството и криминалот на злосторничкото вморонско здружение деноноќно работеа на комплетната девастација на Охрид и околината! Сакам да кажам, тогаш на дело имавме целосна негативна селекција во државата – од врвната извршна власт, преку стручните институции, до локалната самоуправа, и сите како да имаа само една цел: што повеќе да заграбат од охридската историска почва и од најстарото европско езеро, уништувајќи притоа сè со ред, од цивилизациските стратуми до акватичкиот екосистем!

Меѓутоа, тоа време, за среќа, помина и ние, нели, еднаш ги ослободивме институциите. И на нивно чело заседнаа компетентни луѓе кои требаа да се справат со сите криминали, узурпации, нестручност и непрофесионалност, а особено со „случајот Охрид“ којшто претходната власт го криеше како змија нозе. И зошто оваа власт не го направи тоа односно зошто (сега нејзините) институции не го направија тоа? И зошто никој не покрена постапки – кривични, прекршочни и секакви други – контра онаа дилетантска банда која упропасти сè живо во градот и околината? Ако институциите беа „наши“, ако луѓето беа стручни, зошто никој не мрдна со мал прст? Дури, сведочевме на обратен процес: повторно на дело се појави негативната селекција, па оние кои и претходно креваа глас против девастацијата на градот, околината, езерото… беа едноставно игнорирани, а во последно време и брутално отстранувани од позициите од кадешто можеа да делуваат во полза на Охрид. Последниот пример со разрешувањето на еден од малкуте експерти за заштитата на културното наследство од Комисијата за Охрид, со смешно „образложение“ на Владата (заради некакво „членство“ во тајновито тело викано Координативно тело за следење на реформите во културата!) е само последниот од низата необјасниви потези токму на линијата на повторно востановената негативна селекција во државава. Од друга страна, дури и да така како што вели Владата – дури и да функционира тоа фамозно Координативно тело, а не функционира, дури и во Комисијата за Охрид да е предвидена некаква постапка за смена на експертите, а не е – повторно ќе беше повеќе од смешно да го менуваш дефицитарниот експертски кадар, а во Владата со тие прашања да се бават аматери!

Можеби ќе ве интересира
80:20?
Златко Теодосиевски 09/06/2020
Орвел не беше предупредување
Божидар Божиновски 08/06/2020
Но, кога ќе ги погледнете во целина сите состојби во државава, а особено на планот на заштитата на културното наследство, во културата, во науката и образованието, негативната селекција и овојпат зема таков замав што просто втерува страв кај луѓето. Но и прашање: што е проблемот? Не сакаме ли државата да се справува со проблемите, или со нив мора да се справуваат само партиски пулени, па макар и неспособни? Затоа, впрочем, кои тоа институции би ги враќале по изборите? Овие сегашниве? Па во нив се наоѓаат луѓе поставени токму од оваа власт? Тогаш, зошто таа не реагирала навреме и не ги иницирала сите механизми што ѝ стоеле на располагање?

Впрочем, „случајот Охрид“ се трансформира во вистинска парадигма на неспособноста на државата и нејзините институции да се справат со проблемот. Еден голем дел во тој проблем е токму принципот на негативната селекција, на непринципиелна кадровска политика, на неспособно раководење, на нестручност…

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close