„Охрид СОС“ за најавите на Пецаков за плажите: Го добива ли Охрид својот Мерко?

Пецаков вели дека објектите на плажите не биле дивоградби. Не само што се дивоградби, дел и официјално вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид, туку градењето цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 метри, со упади внатре во езерото, го прави издавањето на таквите ‘дозволи’ кривично дело, реагираат од од оваа НВО

Невладината „Охрид СОС“ ја оценува како „крајно неумесна и недолична за лице на така одговорна функција“, најавата на новиот охридски градоначалник Кирил Пецаков за враќање на дел од плажите, односно за нивно повторно издавање под концесија.

„Дали ова значи дека Охрид го добива својот Рамиз Мерко!? Во неговата изјава гледаме еден крајно штетен однос кон регионот исклучиво во служба на крупниот капитал, го гледаме истиот шаблон кој го донесе регионот на раб на губење на статусот во УНЕСКО. Се враќаме најмалку шест-седум години назад, наместо да одиме напред. Пецаков вели дека објектите на плажите не биле дивоградби. Не само што се дивоградби, дел и официјално вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид, туку градењето на цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 м, со упади внатре во езерото, го прави издавањето на таквите ‘дозволи’ кривично дело за кое мора да се гонат тие лица што ги издале и секако тие инспекциски служби што не постапиле и не си ја исполниле својата службена должност да отстранат незаконски градби“.се наведува во објавата на „Охрид СОС“.

Од ова НВО велат дека враќање на концесиите не може да има, бидејќи концесии нема – договорите се истечени со години, а јавноста дозна дека во последните три- четири години „кираџиите“ не платиле ништо за привилегијата да заработуваат од екплоатација на крајбрежјето на најстарото езеро на Европа.

„Постапката за издавање државно земјиште под закуп е регулирана со закон. Воедно, би сакале да го упатиме Пецаков на Планот за управување со светското наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) и на постапката околу регулирање на крајбрежјето. Го потсетуваме дека тој како градоначалник е со закон обврзан да го спроведува Планот за управување. Моментално се работи урбанистички план за крајбрежје, кој како план од државно значење е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во него треба да биде вградено зонирањето на крајбрежјето – зона I според Планот за управување. Додека не се усвои тој урбанистички план, крајбрежјето, односно определените зони за плажи, не може да се издаваат под закуп“,велат од „Охрид СОС“.

Од оваа НВО, исто така, посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ „со години ја храни делузијата во јавноста дека е партија на патриоти“. Ова е, наведуваат од „Охрид-СОС“ вистинскиот тест за патриотизам.

„Патриотизмот значи државотворност, значи грижа за сограѓаните, значи заштита на најголемата природна скапоценост што Македонија ја има и одговорно управување со неа во служба на јавниот интерес! Безрбетници, опортунисти и среброљупци никогаш не биле ниту може да бидат државотворци“,се нагласува во објавата на „Охрид-СОС“.

 </span>

 

Back to top button
Close