Охридска промоција на наградената дебитантска книга „Берлин, градот што не го засакав на прва“ од Енис Хилми
Во Охрид синоќа беше промовирана збирката раскази „Берлин, градот што не го засакав на прва“, на Енис Хилми, добитничка на наградата „Новите“ од издавачката куќа Темплум, за најдобар дебитантски прозен ракопис во 2024 година.
Промоторот на делото, професор Елизабета Шелева, за збирката рече дека оддишува со шарм, но и со духовност, што е навистина „редок зачин во нашата книжевност“.
– Пишувана од лезет, со хумор и искуство, во мераклиски ритам, која исто така со лезет и се чита. После толку прочитани дела, за мене како критичар со изострен нерв и строг суд, се најдов пријатно изненадена од стилот, писмото, светогледот на авторката Енис. Сакам да живеам во Македонија во која се пишува вака, интелигентно, духовито, урбано, забавно и поучно. Сакам да откривам луѓе, кои размислуваат волку широко и неопторавено како Енис. Сакам што и кај нас постојат вакви Жени, доволно смели и автентични за да бидат и останат СВОИ, истакна таа.
Според Шелева, авторката низ нејзината наративна патека и интер-културална авантура, успешно како „риба“ плива низ повеќе различни јазици, места, домови и култури. За Шелева посебно значајно во книгата е присуството на длабок, автентичен респект кон културното наследство и брендот наречен Југославија. Во време кога многумина од оние што таа земја некогаш ги задолжила, денес ја „ишкаат“ како непожелна мува од „идентитетската“ капа, додека на други места во Европа, Југославија прогресивно се рестартира во шареноликите и мозаични берлински муабети, друштва, ритуални или секојдневни практики.
Стефан Алијевиќ пред присутните на промоцијата посочи дека Енис низ расказите, прогресивните ЈУ-чувства ги претвора во одбранбен механизам против насилството на заборавот, испреплетувајќи ги со добра доза на хумор, иронија и критика, како суштински елементи на современата книжевност.
„Со тоа оваа патописна проза, која гравитира меѓу мемоар и автофикција на моменти, ја збогатува нашата книжевна сцена, на која ù недостасува ваков тип на проза“, вели тој.
Авторката Хилми од своја страна посочи дека во времето кога почнала да го открива Берлин, не го засакала градот на прва, но оти подоцна во него се вљубува доживотно.
– И токму во градот направен по мерка на човекот, со жестоко пулсирање на средната класа, со космополитизмот и културата, прогресивноста и отвореноста, мене ми се случи повторно да ја сретнам и засакам и Југославија, која ионака многу ја сакав, вели Хилми…
Во рамките на настанот организиран од Темплум, беше претставена и книгата раскази „Danse Macabre“ од Тина Иванова, за која зборуваше промоторот Мерсиха Исмајлоска.