Околу 120 професионални возачи се на „брза лента“ за нови пасоши, Бочварски очекува да ги добијат за десетина дена

Околу 120 професионални возачи се на списоците што Министерството за транспорт и врски го добило од здруженијата на транспортери и кои преку „брза лента“ треба да ја завршат постапката за замена на пасошите.

Ресорниот министер Благој Бочварски денеска, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека списоците вчера биле доставени до Министерството за внатрешни работи и оти очекува возачите за десетина дена да ги добијат новите патни исправи.

„Ние веќе ја поминавме таа информација и на Влада. Списокот којшто го добивме од страна на здруженијата брои некаде околу 120 возачи од кои дел од нив се во постапка на замена на патните исправи, а дел од нив треба да влезат во постапка на замена на патните исправи. ние вчера ги доставивме тие списоци до Министерството за внатрешни работи и очекуваме во рок до десетина дена да бидат изготвени, изработени и предадени патните исправи на овие луѓе, на транспортерите затоа што ова е многу значајно за нив, тоа е нивното работно место и тие без таа патна исправа не можат да ја вршат својата дејност“рече министерот кој денеска беше на средба со здруженијата на превозници во Струмица.

Според министерот за транспорт и врски, ова прашање се решава заеднички во координација со здруженијата на транспортери и со Министерството за внатрешни работи.

„Брзата лента“ за замена на пасошите Бочварски ја најави минатата недела, а Владата на седница во вторникот ја прифати иницијативата професионалните возачи да можат приоритетно да извадат пасоши по редовна цена.

Владината одлука се однесува на сите транспортери и превозници кои поседуваат валидни сертификати за професионални возачи и на кои им се овозможува приоритетна замена на патните исправи.

Владата донесе одлука за приоритетно издавање на пасоши за сите професионални возачи

Замената на пасошите изминатиот период е во фокусот на јавноста откако на 12 февруари истече рокот до кој граѓаните требаше патните исправи со старото уставно име – Република Македонија да ги заменат со нови со името Република Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор.

Вчера во Собранието мнозинството пратеници гласаа „против“ по итна постапка да се расправа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ проблемот со замената на патните исправи да се реши со продолжување на рокот на важност на старите исправи до крајот на годината.

Back to top button
Close