Околу 150.000 лица во Тел Авив му оддадоа почит на убиениот поранешен израелски премиер Јицак Рабин
-Околу 150.000 лица синоќа се собраа во Тел Авив да му оддадат почит на Јицак Рабин, поранешниот израелски премиер, добитник на Нобелова награда за мир, кој беше убиен пред триесет години.

-Тоа беа различни времиња, кога лидерите сè уште преземаа одговорност – со зборови и дела. Одговорност – токму за тоа Израел копнее денеска, изјави поранешниот началник на Генералштабот Гади Ајзенкот пред толпата на централниот плоштад во Тел Авив, местото на атентатот што денес го носи името на Рабин.
Притоа, тој алудираше на критиките што многу Израелци ги упатуваат кон сегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој отфрла каква било одговорност за наводните грешки во справувањето со масакрот што го изврши палестинското милитантно движење Хамас на 7 октомври 2023 година, пишува ДПА.
Јицак Рабин, добитник на Нобеловата награда за мир во 1994 година, заедно со неговиот политички ривал Шимон Перес и палестинскиот лидер Јасер Арафат, беше убиен од израелскиот екстремист Јигал Амир во ноември 1995 година, бидејќи се спротивстави на отстапките што сакаше да им ги направи на Палестинците.
„Пред триесет години, на врвот на неконтролираната кампања за клевета, Јицак Рабин се симнуваше по скалите кога еден подмолен убиец испука три куршуми, убивајќи го премиерот и уништувајќи го мировниот процес“, рекоа организаторите на комеморацијата, според „Тајмс оф Израел“.
Лидерот на опозицијата, Јаир Лапид, рече дека тие три куршуми не биле наменети само да го „убијат лидерот“, туку и да ја „изгаснат идејата“.
Мировниот процес во Осло веќе беше во криза пред убиството на Рабин, но неговата смрт претставуваше пресвртница во мировните преговори меѓу палестинската и израелската страна.
Решението за две држави што го застапуваше Рабин денес се смета за тешко остварливо, а Нетанјаху целосно го отфрла, заклучува ДПА.






