Околу 400 илјади лица пријавени за вакцинација, вчера се аплицирале над 10 илјади вакцини против ковид

Министерството за здравство информира дека се зголемува бројот на граѓани кои изразуваат интерес за вакцинација против ковид и според податоците вкупно 395 776 граѓани досега се пријавиле на веб-платформата vakcinacija.mk.

„Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 216 453 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9 974 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10 221 граѓани“, велат од Министерството за здравство.

Во државата вкупно се аплицирани 255 259 дози вакцини, а ревакцинирани се 38 806 граѓани. Со последните бројки 45,7 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 38,8 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

„Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во спортскиот центар ‘Борис Трајковски’ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид“, велат од Министерството за здравство.

Back to top button
Close