Октомври најсмртоносен месец годинава за мигрантите и бегалците во Егејското море
Со вкупно 15 загинати во седум одвоени случаи, октомври е најсмртоносниот месец годинава за мигрантите и бегалците, кои по морски пат преку Егејското море се обидуваат да стигнат до Европа, соопштија од УНХЦР.

Од УНХЦР изразија длабоко жалење за „континуираните загуби на животи во Егејското Море“ и се осврнаа на последниот случај од понеделникот, кога четири лица се удавија, а 31 беа спасени по бродолом кај островот Лезбос.
– Овој трагичен случај го зголемува бројот на смртни случаи во Егејското Море овој месец на 15, во седум одделни инциденти во близина на островите Лезбос, Самос, Родос, Хиос и Фармакониси. Речиси половина од сите пријавени смртни случаи во Егејското Море досега во 2025 година се случиле само во октомври. Многумина од оние што се обидуваат да ги преминат овие опасни морски премини бегаат од конфликти, прогон и сериозни кршења на човековите права. Досега оваа година, 37 лица го загубија животот, а најмалку девет се водат како исчезнати во 24 одделни инциденти во Егејското Море. Трагични загуби на животи што можеше да се избегнат, соопштија од УНХЦР.
Додадоа дека иако оваа година пристигнувањата во Европа се намалени во споредба со 2024 година, „бројот на загубени животи во море останува алармантно висок“, посочувајќи дека низ медитеранските и западноафриканските морски рути, „оваа година загинаа или исчезнаа над 1.600 луѓе, наспроти 3.530 лани“






