Ќоку: Некој многу се додворувал вчера на средбата – Вреди реагира за останувањето на Таравари во Влада

Таравари останува во Владата. До кога, не се знае. Ова е епилогот по вчерашната средба со Мицкоски, што предизвика бројни реакции во ВРЕДИ, пишува Тв21.

Пратеникот Беким Ќоку изјави дека е неприфатливо лидерот на Алијанса за Албанците да биде дел од извршната власт, поради признанието дека Арбен Таравари имал комуникација со Али Ахмети. Повикувајќи се на интервју на Ахмети, Ќоку рече дека двајцата оствариле три тајни средби.

„Малку е чудна идејата на Таравари да остане во Владата, бидејќи тој само рече дека ВРЕДИ се додворува, така што некој сигурно многу се додворувал синоќа на состанокот за да остане во Владата. Затоа што зборуваме за Премиер кој за Арбен Таравари бил многу добар, додека за ВРЕДИ тоа било додворување и партија која седи со сила и остава лош впечаток во јавноста. Г. Таравари сè уште е министер на ВРЕДИ, односно функцијата министер и застапеноста во Владата ја има во рамки на ВРЕДИ и благодарение на ВРЕДИ“, вели Беким Ќоку.

Реагираше и Изет Меџити преку објава на друштвените мрежи каде зборува за дадениот збор, а во меѓувреме спомнува и рокови.

„Дадениот збор – БЕСА- е една од главните столбови на честа кај Албанците. Беса е вербата, честа и одговорност кон дадениот збор. Човек кој дава Беса е морално и духовно поврзан за да го одржи тоа ветување и тоа многу ќе го чини. Кога не се почитува дадениот збор, лебот е скршен. А скршениот леб не може да се залепи ниту со еднострани средби, ниту со месечни рокови“, вели Изет Меџити.

Инаку вчерашната средба меѓу премиерот Мицкоски и лидерот на Алијанса за Албанците, Таравари, се одвиваше зад затворени врати. Немаше ниту изјави ниту официјални соопштенија. Последниот став на Таравари беше доколку одлучат да соработуваат со ДУИ немаат што да бараат во Влада. Засега тој рече дека единствената одлука на Алијанса за Албанците е на локални избори да настапат со посебни листи за општински советници. Меѓутоа тој рече дека одлуките ги носат партиските органи врз основа на демографската структура на одредена општина за евентуална соработка.

Back to top button
Close