Олаф Шолц не се откажува, утре ќе се одржат предвремените избори во Германија

Во септември 2024 година, политичарот од СПД Олаф Шолц во интервју за берлинскиот весник „Тагесшпигел“ беше прашан – што се надева дека еден ден ќе биде напишано во учебниците по историја за неговиот мандат како канцелар. Негов одговор, краток и сувопарен, беше: „Мислам дека треба да се внимава на политичари кои размислуваат за тоа пред или за време на нивниот мандат.“

Можеби сега навистина почнал да размислува за тоа. Неговата владина коалиција меѓу СПД, Зелените и ФДП се распадна, па на 23 февруари 2025 година ќе се одржат предвремени избори. Според анкетите, СПД значително заостанува зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ и делумно екстремно десничарската АфД. Доколку Шолц не успее да направи пресврт, ќе го има најкраткиот мандат од сите германски канцелари во последните пет децении.

Стоички оптимист

Но, Олаф Шолц се бори за победа – исто како и на изборите во 2021 година, кои ги доби. И тогаш, СПД заостануваше во анкетите со околу 15 проценти, а неговиот стоички оптимизам беше исмејуван. Потоа, ЦДУ направи премногу грешки и Социјалдемократите неочекувано победија. На ова Шолц често се повикува и во кампањата за изборите во 2025 година. Сепак, овојпат не се насетува пресврт.

СПД се обидува да добие поддршка со класични социјалдемократски теми: сигурна пензија, финансиско олеснување за семејствата и граѓаните со просечни примања и достапна заштита на климата. Ослабената економија треба да се зајакне, а за тоа СПД предлага олабавување на ограничувањето на државното задолжување. „Државата има потреба од приходи преку кредити“, вели Шолц. Во надворешната политика, тој ветува умереност, особено во однос на испораките на оружје за Украина.

Канцелар во сенка на кризите

Шолц беше само три месеци на функцијата кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Оттогаш, Германија постојано се соочува со прашањето како да ја поддржи Украина воено, без да биде вовлечена во конфликтот. Шолц секогаш одговараше на ова прашање на начин кој некои го толкуваа како неодлучност. Тој, пак, тоа го нарекува „умереност“.

„Семафор“ коалицијата постојано водеше јавни расправии

Т.н. „Семафор“ коалиција (СПД – црвена боја, Зелените – зелена боја, ФДП – жолта боја) беше создадена од потребата да се обезбеди парламентарно мнозинство. Но, политичките разлики меѓу левичарските партии (СПД и Зелените) и економски либералната ФДП беа преголеми за да бидат надминати. Континуираните несогласувања ја направија оваа влада најнепопуларната во историјата на Сојузна Република Германија.

Сепак, дури ни загубената доверба кај граѓаните не го поколеба Шолц. Ниту фактот дека стана еден од најнепопуларните канцелари. Неговото мото: да ги зема предвид анкетите, но да не ги коментира и да не ја менува политиката според нив.

Јусо, адвокат, министер – и конечно канцелар

Канцеларската функција е врв на неговата долгогодишна политичка кариера. Започна како член на младинската организација на СПД (Јусос), каде што некогаш застапуваше радикално социјалистички и антикапиталистички ставови. По неговото приклучување во СПД во 1975 година, следуваа години во кои работеше како адвокат за работничко право во Хамбург, каде што научи многу за економијата и претприемништвото. Ова го обликуваше, а левичарската политика повеќе не му беше блиска.

Своето политичко искуство го стекна како сенатор за внатрешни работи во Хамбург, како министер за труд во првата голема коалиција на канцеларката Ангела Меркел и како долгогодишен градоначалник на Хамбург. „Кој од мене бара лидерство, ќе го добие“, рече во 2011 година. Во 2018 година се врати во Берлин како министер за финансии и вицеканцелар во повторната влада на голема коалиција на  Меркел.

„Шолцомат“ – политичар без емоции

Клучен период за неговиот имиџ беше времето од 2002 до 2004 година, кога беше генерален секретар на СПД. Тогаш, весникот „Ди Цајт“ го нарече „Шолцомат“ – комбинација од неговото презиме и „автомат“. Терминот го опишуваше неговиот технократски стил на комуникација, во кој секогаш звучеше како машина што неуморно и без емоции ја „продава“ политиката.

Овој имиџ на здодевен бирократ без харизма никогаш не го напушти. Тој самиот се сметаше за прагматичар фокусиран на резултати, кој не сака да биде во центарот на вниманието. Човек што зборува само колку што е неопходно и се труди да работи тивко и ефикасно.

Тивкиот канцелар

И како канцелар остана верен на својот принцип – да зборува само колку што е неопходно. Но, тоа не функционираше добро во време на кризи. Граѓаните не сакаа лидер кој молчи, туку некој кој знае да комуницира.

Ниската популарност на Шолц натера некои во СПД да размислуваат дали партијата не би имала поголеми шанси на изборите со министерот за одбрана Борис Писториус, кој веќе неколку месеци е најпопуларниот политичар во Германија. Но, Шолц не дозволи да му биде одземена кандидатурата.

(DW)

Back to top button
Close