Олаф Шолц пречекан со највисоки воени почести пред Владата во Скопје

Премиерот Димитар Ковачевски утрово го пречека со највисоки државни и воени почести германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во еднодневна официјална посета на Северна Македонија.

Претходно на аеродромот во Скопје германскиот канцелар го пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи.Во делегацијата на канцеларот Шолц се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика, како и новоизбраниот специјален пратеник на Сојузната Влада на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Во составот на нашата делегација на пречекот и на билатералната средба со делегацијата на СР Германија ќе бидат првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.Според агендата за официјалната посета на канцеларот Олаф Шолц, веднаш после церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатералната средба на членовите на двете делегации.

Официјалната посета на канцеларот Шолц ќе заврши со заедничка прес-конференција со претседателот на Владата Димитар Ковачевски.

Шолц во Скопје доаѓа по неговата посета на Приштина и Белград, во рамки на дводневната посета на регионот. 

По посетата на Скопје, германскиот канцелар заминува за Софија, на средби со бугарскиот државен врв.

 

Back to top button
Close