Јолевски за изборот на Абази: Советот на ЈО нема ингеренции во изборот

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски смета дека Советот при изборот на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бил во рамки на законот и колку што тој дава можност. Советот на ЈО, како што посочува Јолевски, го спроведе она што е пропишано. Тоа е системско решение, кое Јолевски, рече дека немаат влијание да го сменат и кое, како што рече, било донесено без да се имаат предвид сите забелешки, односно предлози од Советот.

Прашан дали како Совет на ЈО чувствуваат некаква одговорност за изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК, особено по острите тонови од меѓународната заедница, Јолевски рече дека не може да коментира изјави на странски дипломати, но посочи дека тие треба да бидат упатени кон политиката, а не кон судството.

Тоа прашање треба да се упати кон некој друг, кој ги носи или предлага законите, ние ги спроведуваме законите. Мислам дека во рамки на она што ни е дадено како можност да спроведеме, спроведуваме онака како што е пропишано. Надвор од тоа не сме излегле, ниту пак сме оставиле простор да не биде запознаена јавноста, онолку колку што ние имаме можност, изјави Јолевски.

Во однос на делот од прашањето дали Советот чувствува некаква одговорност за изборот, Јолевски рече дека Советот на ЈО и не бил вклучен во делот за избор, во ниту една фаза.

– Советот и не беше вклучен во делот на избор, во ниту една фаза. Ниту можеше да дава мислење, било тоа позитивно или негативно, како што дава мислење за изборот на Јавен обвинител на РСМ. Тука веќе имаме надлежност и даваме мислење. Кај изборот на обвинител на ОЈО ГОКК, исклучени сме од секакво мислење, изјави Јолевски.

Back to top button
Close