Олимпијци и олимписки функционери

Прогласен за спортист на годината на една светска спортска велесила каква што беше Југославија, единствениот носител на златен олимписки медал од Македонија, Шабан Трстена, ни го раскажа животот, во времињата на слава и во времињата на заборав. Некогашното младо момче кое, во осумдесеттите, го гледавме како упорно тренира во хотелот „Сарај“ и околните ливади ни ја откри тајната на успехот: напорна и посветена работа, стремеж кон одличност и црста воља да се успее. Не се толку важни условите колку вољата,повторуваше нашиот олимпиец. Она што остана нејасно е каде исчезнала таа воља во време кога постојат неспоредливо подобри услови за спортски упеси. Се чини работата не е само во салите и во реквизитите. И по ливада во Сарај ќе трчаш и камен ќе креваш и златем медал на олимпијада ќе освоиш, покажа нашиот златен олимпиец. Но, како е можно никој да не вложил внимание и пари, кога веќе имаме спортски сали, мајсторот на занаетот да нема ученици кои чекаат на ред да добијат инструкции? Имаме агенција за млади и спорт, имаме национален олимписки комитет кој е дел од меѓународниот, имаме цела една структура на управувачка спортска елита која ја финансира државата. А, нема за пристоен надомест за ангажман на единствениот носител на златен олимписки медал од Македонија и спортист на годината на Југославија? Нашата олимпијка, пливачката Наташа Мешковска, не се согласи дека има услови за развој на пливањето во Македонија, но се согласи дека не постои интерес во управувачките спортски структури за нејзин ангажман во развој на тој спорт.

Како прави спортисти, и двајцата не сакаа да кажат било што за односите во нивните спортски организации зашто, велат, секогаш стоеле понастрана од кавгите. Како инаку би оствариле такви олимписки  резултати ако се расправале на состаноци. Таквите расправии им се исплатуваат на еден друг сој луѓе. Зпадната модерна  политичка мисла со загриженост пишуваат за слабоста на нивните развиени демократии. Забележуваат дека институциите се повеќе се во служба на оние кои ги окупираат а не на оние за кои се наменети. Ако е така во општества кои нудат бројни шанси за лична промоција, можете да замислите каква жестока битка се води за таквите позиции кај нас. Во спорт ли е или во образование, мојот животен позив, искуството ми кажува: организацијата станува  цел за себе.

Одбивам да бидам циничен кон зборовите на новиот претседател на Македонскиот олимписки комитет кој во своето интервју  вети промени на подобро. „Веруј и проверуј“, вели руската поговорка. Да го држиме новиот претседател на МОК за збор, зашто искушенијата со кои ќе се соочи се големи. Искуството зборува дека правилото меѓу оние кои ќе се најдат во меѓународни организации е да останат таму што е можно подолго. Доживотно, ако е можно и по секоја цена, ако е можно. Од таа силна желба е исплетена мрежата на „старите момчиња“, како што еднаш ги нарече „Њујорк тајмс“ вечните функционери кои ги завземаат лукративните места во  Обединетите нации и нејзините организации. Ова во ОН не е ништо во споредба со привилегиите во Меѓународниот олимписки комитет, ми вели еден дипломат во Њујорк. Паметам, рече: тие живеат како кралеви. Немав прилика да се уверам во точноста на неговите тврдења и не знам за какви се привилегии зборуваше кога заклучи дека позицијата на претставник на својата земја во Меѓународниот олимписки комитет е една од најпосакуваните во цел свет. Како изгледа животот на претседател на олимписки комитет на една држава не знам, освен дека  меѓу нив има и шеици и принцови, но рабрав каков е животот на еден носител на златен медал на олимпијата и на една успешна олимпијка, од интервјуата за МТВ.

Back to top button
Close