Олимписката сала „Сунел арена“ во Атина подготвена за ракометното финале АЕК – Алкалоид
Со продадени над 8.000 влезници, рекорден број за ракометен натпревар на грчки АЕК, олимписката сала „Сунел арена“ во западниот дел на Атина е подготвена за првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу АЕК и Алкалоид, јави дописничката на МИА од Атина.
Во 18 часот по македонско, 19 часот по локално време, ќе започне историското финале за македонскиот тим, кој е подготвен за денешниот предизвик.
Олимписката сала полека почна да се полни еден час пред натпреварот, а се чини дека домаќините ќе имаат силна поддршка од навивачите кои со дресови и знамиња ги обоија трибините во жолто-црна боја, што се и боите на атински АЕК.
-Дојде денот за европското финале! Денот кога луѓето од АЕК повторно ќе напишат историја со рекордна посетеност на ракометен натпревар!, коментираа од атинскиот клуб.
Во салата е и помал група навивачи на Алкалоид, кои од Скопје пристигнаа за да им дадат поддршка на избраниците на Лазаров во првото европско финале.
Од ВИП делот на трибините, натпреварот АЕК и Алкалоид ќе го следат и министерот надлежен за спорт Јанис Вруцис, како и префектот на областа Атика поширокиот регион на Атина Никос Хардањас.
Натпреварот во живо ќе го пренесуваат грчкиот и македонскиот јавен сервис.
Реваншот ќе се одигра за една седмица, на 25 мај во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.