Oливера и Цане

Вечен спомен на големиот човек и поет Цане Андреевски!Гласен беше во тихоста, славен во скромноста, силно творечки во повлеченоста во обичниот живот.

Оливера и Цане! Незамисливо е дека веќе не се со нас обајцата. Ми беа во последните три години стожер кој во часовите на јанѕа, од далеку, ми даваше надеж и поткрепа. Си велев, во Македонија се Оливера и Цане, и се‘ е добро!

Сега тие не‘ оставија сами, но ни го оставија своето дело како светилник и завет. А ние дури сега почнуваме да сознаваме колку беа големи, колку ги носеа трпеливо нашите слабости и недоветности македонски на своите плеќи! Знам дека ја следеа актуелната состојба со неверојатна сериозност и критичност, но и со грижа и болка.

Деновиве пак ја прелистував книгата на Цане Андреевски, „Разговори со Конески”. И си реков, оваа книга треба да ја прочита секој Македонец, особено политичарите, за да сознаат како се поставуваа темелите на македонската самостојност. Нив не ги поставија партиите по 91-та. Ги поставија децении порано луѓето како Конески, како Цане и Оливера и како многу други великани на македонската наука, уметност, култура и политика. И политика! Зашто тогаш имаше многу творци кои учествуваа во темелните политички процеси. Утринава, во едно интервју од 2007 со Цане Андреевски, ги прочитав овие негови реченици кои ме потресоа. Тие се јасен завет на Цане и Оливера. Тие се суд за нашата недоветност и разединетост. За овие мисли на Цане треба сите да размислиме.

„Ниедна власт досега не покажала спремност да го апсорбира целокупниот капацитет на нашето домашно знаење. Како што на времето Пулески рекол дека треба да се соберат учени луѓе од сите страни на Македонија и да составет една македонска граматика, така и сега треба да се соберат учени луѓе од сите области на науката, образованието и уметноста, без оглед на партиската припадност, и да состават една нова граматика на однесувањето и работењето во полза на општонародните интереси.Како држава ги имаме сите институции на власта, но тие се однесуваат толку самобендисано, што со својата самоувереност мислат дека се на врвот на познавањето на работите. И затоа не се ефикасни, бидејќи секогаш, по изборите, веков и светов почнува со нив. Се користат одделни партиски припадници однадвор, а на научните, образовните и културните институции не им се овозможува својата креативна енергија да ја вложат за подобрување и осмислување на дадената ситуација.”

Вечен спомен со љубов и благодараност на нашите големи Оливера и Цане! Ја слушам Оливера во срцето како ме опоменува дека тие воопшто не биле големи, но јас дури сега јасно сознав колку беа навистина големи – во скромноста, во тихоста, во мудроста, како најсилните врутоци на творештвото и на човечкото достоинство. Слава им!

Кица Колбе

фејсбук статус

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close