Оливера Ќорвезироска добитничка на „Рациновото признание“ за 2025, почесното Рациново признание за Намита Субиото

Добитничка на „Рациновото признание“ за 2025 година е Оливера Ќорвезироска за делото „Три Марии“ во издание на „Арс Ламина“. Признанието ќе и биде врачено на 12 јуни на сцената на Театарот во Велес во рамки на свеченото отворање на годинашните 62. Рацинови средби. Наградата е плакета и паричен износ од илјада евра во денарска противвредност.

Добитичка на почесното Рациново признание е проф. д-р Намита Субиото од Р. Словенија, вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија, каде што од 2004 ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на Одделот за славистика. Наградата „Почесно Рациново  признание за 2025 “ ќе и биде доделена на 14 јуни во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес , а се состои од уметничка слика и плакета.

Како што информира на денешната прес-конференција Илија Велев, претседателот на Комисијата за избор на Рациново признание за 2025, на конкурсот биле пријавени 22 новообјавени прозни дела, а во потесен избор влегле пет. За изборот одлучувале и членовите на комисијата: проф д-р  Искра Тасевска Хаџи-Бошкова и м- р Игор Крајчев.

-Прозното дело „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, кое текстолошки и структурно премостува три засебни повести за три Марии (Пребирлиева, Зара и Деспотовска-Солев) – фокусирајќи се во интерпартикуларната творечката поврзаност како краток роман (или „роман басма“, како што провокативно за читателите ќе го наведе самата авторка). Структуирањето на повеќеслојниот и динамичен творечки наратив во делото се устројува преку симболиката на бројот 3: карактеризирањата на личните доживувања кај трите Марии во трите повести експресивно да се произнесуваат со по три последователно нумерирани потпоглавја, појасни Велев.

Во образложението за доделување на Почесното Рациново признание за 2025 на проф д – р Намита Субиото, членот на жири комисијата Снежана Бошевска образложи дека подрачјата на нејзиниот научен интерес се современата македонска книжевност, македонско-словенечките книжевни и културни врски, книжевниот превод, а се занимава и со методика на настава по македонска книжевност како книжевност во странски јазик.

Член е на редакциите на меѓународните славистички научни списанија Филолошки студии, Спектар, Палимпсест и Jezik in slovstvo.

Филозофскиот факултет во Љубљана ја наградува со признание за натпросечна педагошка и научна работа (2022 г.), а Македонската академија на науките и уметностите со признание „Блаже Конески“ за промоција на македонската литература (2009 г.).

Намита Субиото е и книжевна преведувачка на јужнословенски јазици. Од македонски јазик на словенечки превела и напишала поговори за 17 книги од исто толку македонски  автори: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Драги Михајловски, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Јасна Котеска, Игор Исаковски, Ѓоко Здравески и други.

Субиото воспостави и одржува одлична соработка со македонските културни друштва во Словенија на подрачјето на култура и образование. Минатата година Сојузот на македонските културни друштва на Република Словенија основа книжевна едиција Македонска култура, а Субиото стана главен уредник. Првата книга беше посветена на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов и педесет години ликовно творештво на академскиот сликар Боге Димовски, а главната тема е 80 годишнината од македонската азбука.

Организаторот на Рациновите средби, Општина Велес денеска  информираат дека добитничката Субиото најавила дека лично ќе дојде во Велес и на свеченоста ќе го прими високото признание за афирмација на македонскиот јазик и литература во светот, а кое секоја година се доделува на програмата на Рациновите средби.

Фото: Фејсбук на Оливера Ќорвезироска

Back to top button
Close