Оман воведува привремени безбедни коридори низ Ормускиот Теснец – нема да наплаќа такси на бродовите

Во известување до морепловиците, Оман наведува дека постојната шема за раздвојување на сообраќајот во стратешкиот теснец во моментов е небезбедна и дека бродовите што поминуваат можат да користат привремени рути лоцирани северно и јужно од постојните бродски коридори

Оман денеска соопшти дека ќе го држи Ормускиот Теснец отворен за транзит на комерцијални бродови без да наметнува какви било такси или патарини и истоввремено одреди две привремени поморски рути, северно и јужно од актуелната бродска траса со цел да се осигури безбеден премин на бродовите што го напуштаат регионот, пренесе Ројтерс.

Како што наведува агенцијата, заливската држава ги воспоставила привремените поморски коридори во координација со Меѓународната поморска организација, за да им помогне на бродовите безбедно да ја напуштат областа поради зголемени безбедносни ризици.

Ормускиот Теснец, клучен пат за транспорт на приближно една петтина од глобалните резерви на нафта и течен природен гас, беше под блокада откако САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, што речиси целосно го ограничи комерцијалниот бродски сообраќај и сериозно ги потресе глобалните енергетски пазари.

Во известување до морепловиците, Оман наведува дека постојната шема за раздвојување на сообраќајот во стратешкиот теснец во моментов е небезбедна и дека бродовите што поминуваат можат да користат привремени рути лоцирани северно и јужно од постојните бродски коридори.

Инаку, постојната пловидбена мапа низ Ормускиот Теснец е усвоена од Агенцијата за бродски сообраќај на Обединетите нации во 1968 година, а нејзините коридори поминуваат низ иранските и оманските тероторијални води во теснецот.

Арапската држава од Персискиот Залив соопшти дека ваквиот потег ја одразува нејзината одговорност за Ормускиот Теснец, неговата важност за глобалната економија и нејзината посветеност кон меѓународното право и слободата на пловидба, повикувајќи се притоа на договорите постигнати меѓу САД и Иран.

Оман соопшти дека дека безбедноста во навигацијата останува нејзин главен приоритет и дека е потребно постепено, контролирано движење на бродскиот сообраќај поради зголемениот ризик од судири.

Според фазниот план развиен од Меѓународната поморска организација, а во координација со властите на Оман, бродовите ќе бидат групирани и контактирани поединечно со упатства за тоа кога можат да тргнат и која рута треба да ја следат.

 

Бродовите ќе бидат насочени кон одредена зона за чекање во меѓународните води пред да им се дозволи да продолжат. Бродовите што ја користат рутата на Оман кон исток ќе бидат обврзани да одржуваат комуникација со крајбрежните власти и да ги почитуваат сите навигациски упатства.

Оман изјави дека сопствениците на бродови и капетаните остануваат одговорни за спроведување независни проценки на ризикот пред патувањата. На бродовите им е наложено да го одржуваат својот систем за автоматска идентификација активиран за време на транзитот и да пријавуваат какви било навигациски опасности до Центарот за поморска безбедност на Оман.

Во соопштението се вели дека нема да се наметнуваат патарини за бродовите што транзитираат низ Ормускиот Теснец, а во согласност со исходот од неодамнешните разговори меѓу САД и Иран.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close