Омилената компанија на Орбан основаше подружница во Македонија, се подготвува за трет мобилен оператор


Унгарската телекомуникациска компанија „4iG Group“ започна со подготовки за влез на пазарот во Македонија, со основање на подружница „ONE Macedonia Telecommunications“.

Со одлука на Одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија.

– Advertisements –

Со завршувањето на процесот на регистрација на компанијата, за иден извршен директор на One Macedonia Telecommunications е назначен Тамаш Табори кој е заменик извршен директор одговорен за телекомуникациската стратегија во Унгарската матична компанија на групацијата, 4iG Nyrt. 4iG Group започна консултации со Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) како регулаторно тело во Северна Македонија и избра локални и меѓународни консултантски фирми за поддршка на имплементација на стратегијата на групацијата во земјата. Заедно со сопствените експерти од индустријата на 4iG Групацијата, водечка улога во целиот процес ќе ја има „Analysys Mason“, една од најголемите глобални технолошки, медиумски и телекомуникациски консултантски компании.

„Посветени сме да влеземе на македонскиот телекомуникациски пазар со истата посветеност и иновациите што ги донесовме во Албанија и Црна Гора. Основањето на ONE Macedonia Telecommunications е нашиот прв значаен и опиплив чекор кон станување главен телекомуникациски провајдер во Северна Македонија“, рече Тамаш Табори, извршен директор на ONE Macedonia Telecommunications и заменик извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во 4iG Nyrt.

Намерата на унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“ да влезе на пазарот на мобилни и фиксни услуги во Македонија ја разбранува јавноста, со оглед на тоа дека се работи за омилена компанија на Виктор Орбан, која патем има стратешко партнерство со кинеска компанија, што, пак, се коси со македонското законодавство.

Во исто време се влеа надеж кај граѓаните и бизнисот дека влезот на трет оператор ќе го урне дуполот на двата големи мрежни оператори на мобилни услуги, иако ниту од владата, ниту од унгарската компанија не беа јасни за што ќе се преговара во следниот период.

Односно, дали ќе се преговара за трет мрежен оператор, кој би влегол како нов субјект што ќе обезбедува мобилни мрежи и услуги, за купување на некој постоечки оператор, кој би се надградувал или, пак, за виртуелен мобилен оператор, кој ќе користи ресурси на двата телекомуникациски гиганти?
Агенцијата за електронски комуникации како регулатор располага со истите информации што кружат во јавноста и информациите што ги следат во медиумите. Од таму за „Фокус“ велат дека не е пристигнато никакво официјално барање за интерес од ниту еден субјект.

Во согласност со Законот за електронски комуникации, со радиофреквенцискиот спектар на Македонија управува АЕК на објективен, транспарентен, недискриминаторски и пропорционален начин, а целата постапка за влез на оператор ја води АЕК.

– Имајќи ја предвид оваа одредба од ЗЕК, потребно е секој заинтересиран субјект што ќе користи радиофреквенции да се обрати до АЕК. Уште повеќе, пак, имајќи предвид дека во јавноста циркулираат информации за можен интерес за воспоставување на трет мрежен мобилен оператор во Македонија, кој, за да може да обезбедува мрежи/услуги, неминовно мора да користи радиофреквенции, повеќе од јасно е дека е потребно да се обрати до АЕК.

Согласно Планот за доделување и користење на радиофреквенциите, пропишано е дека радиофреквенциските опсези за копнено мобилна служба, односно тоа се опсезите во кои би требало да работи потенцијалниот оператор, се доделуваат во постапка на јавен тендер или постапка на јавен тендер со јавно наддавање.

Ваквиот вид постапка на доделување радиофреквенции е целосно пропишана во ЗЕК. Предуслов за почнување ваква постапка е АЕК по сопствена иницијатива или, пак, заинтересирана страна да поднесе барање до АЕК, со цел да се овозможи јавна расправа за сите заинтересирани страни во постапката – вели за „Фокус“, Игор Бојаџиев, советник на директорот за радиокомуникации и контрола и мониторинг на радиофреквенции.

Според официјалните информации од Агенцијата за електронски комуникации, во Македонија има 1 милион 950 илјади корисници на мобилна телефонија. Од нив 720 илјади користат припејд услуги, а нешто над 981 илјада се на постпејд.
На пазарот има два мрежни и четири виртуелни оператори, но граѓаните не почувствуваа промена во намалувањето на цените на услугите и покрај оваа бројка.

Ставот на АЕК е дека повеќе од потребен е трет мобилен оператор, со образложение дека 46, односно 47 отсто им е уделот на двата оператори во однос на корисниците.

Истражувањата на дел од унгарските медиуми ја врзуваат оваа компанија директно со премиерот Орбан, кој важи за добар пријател и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Според унгарскиот медиум „Директ36“, кој разоткрива злоупотреба на моќ и влијанија, како и корупција, „4iG“ е компанија, која бргу се шири со многу силна владина поддршка.

Според медиумот, владата на Орбан, не само што тајно ѝ помогнала на компанијата во аквизициите со кои се позиционира на унгарскиот пазар, туку на оваа компанија ѝ обезбедила повеќе од 70 милијарди форинти државни инвестиции.

Затскриената државна помош се претпоставува дека тежи околу 190 милиони евра и токму поради таа поддршка, во изминатите неколку години компанијата прераснала од средна по големина ИТ-компанија во една од најголемите унгарски корпорации, што, според истражувањата на унгарските новинари, се должи, пред сѐ на наклонетоста на Орбан и блискиот круг луѓе околу него.

Според унгарските новинари, 4iG не е поврзан со владата на Орбан само преку финансиски врски, туку e тесно поврзана и со регионалните амбиции за моќ на Орбан, за кого Западен Балкан треба да биде под унгарска сфера на влијание, па затоа компанијата почнала да се шири и во Западен Балкан.

Back to top button
Close