ОН: Авганистанската војска по грешка го гранатирала пазарот во Хелманд

Мисијата на Обединетите нации во Авганистан соопшти дека резултатите од истрагата покажуваат дека војската на таа земја по грешка испукала проектили на прометниот пазар во јужната провинција Хелманд, при што загинаа 23 лица.

Според соопштението на гувернерот на провинцијата Хелманд, несреќата се случила откако експлодирала автомобил-бомба и гранати биле испукани на прометен пазар, при што животот го загубија 23 лица, меѓу кои и деца. Нападот се случи во понеделникот, а Талибанците и авганистанската армија ја префрлаат одговорноста едни на други.

Мисијата на ОН во Авганистан објави на Твитер дека „неколку веродостојни извори“ потврдиле дека авганистанската војска испукала проектили насочени кон талибански цели, како одговор на огнот што тие го отвориле, но по грешка, погодиле цивили.

Во твитот не се споменува автомобил-бомба ниту се соопштува како се донеле овие заклучоци, но е објавено дека нападот се случил за време на конфликт меѓу Талибанците и авганистанската армија.

Мисијата на ОН посочи на Твитер дека обете завојувани страни во Авганистан мора да престанат да се борат во области населени со цивили и ја повика авганистанската влада да спроведе независна истрага за нападот.

Авганистанската влада инсистираше на тоа дека во моментот на нападот немало никаква воена активност во подрачјата под контрола на Талибанците, додека министерот за одбрана на земјата одговори на твитот од мисијата на ООН со повторување на ова тврдење. Тој, исто така посочи дека од местото каде се распоредени, минофрлачки проектили на авганистанската армија немаат дострел за да го погодат пазарот.

Back to top button
Close